Како што јави дописникот на МИА од Атина, поранешниот грчки министер истакна дека проблемот со долгот е постар од Грција и оти целата младост ја минал обидувајќи се да објасни дека не треба да се преземаат чекори како што се оданочување на богатите.
Тој посочи дека влегувањето во еврозоната довело до „цунами од задолжувања“.
– Замислете во 1999 година тогашниот премиер Костас Симитис да беше паметен, да се разбудеше и да речеше „не сакаме во еврозоната“, сега не би зборувале за Грција и нејзините проблеми. Ако не влезевме во еврозоната, не би ни направиле олку голем долг, не би се случило „должничко цунами“ – изјави Варуфакис.
Според него, трагедијата на Грција била што растот се засновал врз „понзи шема“, и кога пукнал тој балон, долгот станал неодржлив.
Варуфакис тврди дека нема ништо мистериозно околу грчкиот проблем.
– Позајмивме стотици милијарди евра и се лизнавме во црната дупка на долгот. Зошто го направивме тоа? Затоа што вистинскиот дефицит е надежта. Јас не гледам светло на крајот од тунелот. Ако немате надеж, реформите се многу тешки – рече тој, додавајќи дека постојат работи што може да се направат.
– Се разбира дека постојат. Но, луѓето во Грција на зборот „реформа“ се однесуваат како луѓето во Ирак на зборот „демократија“. Затоа што во Ирак се извршени многу злосторства во името на демократијата. Кога таму ќе го слушнат тој збор, особено ако е со американски акцент, се кријат под маса затоа што се плашат од бомбардирање. Слично е со Грците, кога ќе го слушнат зборот „реформа“тие мислат: „О Господе, тие повторно ќе ги намалат пензиите“ – објаснува Варуфакис.
Според него, излезот на Грција е прифаќање на вистината. Тој вели дека Грците ја избегнуваат вистината од 2010 година, кога, според него, грчката држава банкротираше.
– Можеме ли конечно да прифатиме дека банкротот е маскиран со нови задолжувања? Оваа измама трае од 2010 година и само се шири. Тоа мора да заврши. Мојата политика беше едноставна: предложив да го направиме тоа што го направи „Џенерал моторс“. Прво мора да го реструктуирате долгот, а потоа да одите во натамошно преструктурирање. Редоследот е многу важен. Ако „Џенерал моторс“ не го направеше тоа, компанијата денес немаше да постои – заклучи Варуфакис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.