Вистинска катастрофа за АПОЕЛ би била елиминацијата во второто квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите. За состав што во последните неколку сезони трипати играл во фазата по групи, испаѓањето од Вардар би било трамно на дебакл. Но, задачата не е лесна како што се предвидуваше пред стартот на двомечот со тимот од Скопје, пишуваат новинарите на кипарскиот портал „24 спортс“.
„Оптимизмот играчите на АПОЕЛ го темелат на квалитетот и искуството од настапите во врвните европски клупски натпреварувања. Резултатот од првиот меч, 0-0, не е добар, но има простор киксот да се корегира. Проблем за нашиот шампион е што тоа ќе мора да го стори на теренот на противникот, откако ја пропушти првата меч-топка. Сега треба да се победи Вардар на теренот во Скопје, но и да се победат фанатичните навивачи на домашниот тим. Атмосферата и од спортски аспект, но и поради проблемите со името ќе биде пеколна, што е дополнителен предизвик за АПОЕЛ да оствари двојна победа. Неуспех ќе биде вистинска катастрофа и од финансиски аспект. Заработката од нешто повеќе од 300 илјади евра е рамно на нула во однос на милионите што АПОЕЛ во три наврати ги инкасираше со учеството во фазата по групи. Да не го споменуваме престижот и националната гордост, кои ќе бидат расклатени ако тимот од Скопје успее да го елиминира АПОЕЛ“, пишуваат новинарите од Кипар во најавата за мечот, кој ќе се игра вечерва од 20 часот на „Филип втори“ арена во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



