| четврток, 6 декември 2018 |

Европската унија без договор за распределба на емигрантите

Migrants crossing Macedonia on their way for the western Europe countriesМинистрите на државите членки на ЕУ и вчера не постигнале договор за начинот на кој ќе бидат распределени вкупно 40.000 сириски и еритрејски емигранти од Италија и од Грција, кои се под голем притисок на бегалците, соопштиле официјални лица од Брисел.

Министрите се согласиле да почне префрлувањето на повеќе од 32.000 емигранти во 28 членки на ЕУ, но не се договориле што ќе биде со останатите 8.000 од вкупно 40.000 колку што треба да бидат распределени според договорот со кој лидерите на ЕУ го постигнале на самитот во јуни.

– Имаме решение за преместување на емигрантите во текот на оваа година. Што се однесува за следната година, сè уште не сме се усогласиле, и за тоа ќе разговараме во октомври или ноември – изјавила по состанокот германската државна секретарка Емили Хабер.

Европската комисија предложила распределба на 40.000 емигранти по бродската несреќа што се случи во Медитеранот во април, кога загинаа речиси 800 лица.

Лидерите на ЕУ прво се согласиле со предлогот, а потоа меѓу нив се јавиле силни поделби во врска со начинот на неговото спроведување, по што најпрво ги отфрлиле задолжителните квоти, а потоа почнале и меѓусебните кавги во врска со распределбата на емигрантите.

Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ вчера најавиле дека наскоро во Будимпешта треба да се одржи самит посветен на движењето на бегалците преку Западен Балкан.

Во соопштението објавено по министерскиот состанок посветен на проблемот со бегалците не се прецизира кога ќе се одржи конференцијата, но дипломатски извори велат дека тоа, најверојатно, ќе се случи во септември.

Статистиката покажува дека бегалците од Африка, Азија и Блискиот Исток дека се почесто ја користат балканската маршрута, која преку Турција, Грција, Македонија и Србија ги води до Унгарија и другите членки на ЕУ.

Унгарија пред три дена почна да гради четириметарски бетонски ѕид по границата со Србија за да спречи илегално преминување на граничната линија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top