И по драстичното намалување на платите и пензиите во Грција и зголемените даноци, Грците и натаму живеат барем двојно подобро од граѓаните на Србија, анализира српски „Блиц“.
Се чини дека Грција најмногу ја задолжиле самите Грци со повеќегодишно вадење на парите од државната каса, покажуваат податоците кои говорат за речиси неверојатни работни придобивки во земјата, избегнување на плаќање даноци, корупција во јавниот сектор…
По намалувањето на платите за една третина, просечната плата во Грција од 817 евра и денес е поголема за 438 евра од просечната плата во Србија.
Просечната грчка пензија од 960 евра истовремено е поголема за 700 евра од пензиите во Србија.
Меѓутоа, реално платите во Грција се најмалку двојно поголеми. На пример, машиновозачите добивале по 420 евра за одржување на личната хигиена, додека возачите на автобусите во Атина имале додаток од 310 евра за редовно одење на работа.
Вработените во јавната администрација кои поминувале пред компјутер најмалку пет часа дневно до неодамна добивале плус шест дена одмор…
Просечен Грк добива прва пензија кога ќе наполни 57,8 години. Во Србија таа граница е 58 години.
Дури 600 занимања во Грција, како слаткари, фризери и масери, имаат право да одат во пензија на 50 години.
На лажни инвалиднини Грција заштедила 100 милиони евра. Кога ги повикала сите наводни инвалиди на преглед, 36.000 од нив не се појавиле.
Грчката влада неодамна утврди и дека пензии примаат повеќе од 40.000 починати пензионери, но и дека 20.000 жители на Атина не пријавиле базен на кој инаку се плаќа данок.
Горан Николиќ од Институтот за европски студии вели дека Србија и Грција пред сто години според нивото на просечниот доход биле близу една до друга.
– Тој однос не се менувал до 60-те години од минатиот век, кога почнал брзиот подем на Грција, додава Николиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.