Во среда, на Бит фест 2015 започнува познатиот Шекспир фестивал, кој навистина и годинава ќе биде вистинска ревија на сериозни светски, европски, балкански и домашни театарски продукции
Една деценија Бит фест, над двеста настани од областа на класичната музика, повеќе од 300 рок – поп и техно – џез музицирања, над седумдесет театрски претстави, над седумдесет реализирани изложби, над сто настани од областа на книжевноста, публиката на Бит фест во овие десет години имаше прилика да погледне над деведесетина значајни филмски остварувања, реализирани се над педесетина независни фестивалски концепти, над педесетина мултимедијални проекти и околу 45 социо – културни настани. И во ова издание на Бит фест партиципираат настани од детската програма, настани од светот на модата и трендовското градско живеење. Публиката и Бит фест десет години функционираат во одличен тандем, токму заради широката понуда за сите вкусови, заради врвниот културно – уметнички квалитет на понудата и заради фактот што буквално Битола шеесет дена функционира како жива културна сцена – Широк Сокак, Тумбе кафе, Хераклеа, Магнолија.
Годинава интернационалниот Шекспир фестивал, кој што по трет пат се одржува во рамките на Бит фест, донесува 6 театарски претстави, од Србија, САД, Бугарија, Холандија, Турција, а стартот ќе биде во среда на (22.07.2015) со премиерата на Битолскиот театар „Антониј и Клеопатра“. Ова издание на Шекспир фестивалот организира работилница посветена на Сонетите на Шекспир, а ќе ја води Рандел Мартин, шекспиролог од Канада, која всушност и претставува вовед во заедничката соработка со Лит Мун, тетарската компанија од Санта Барбара, Калифорнија, а нејзината промоција ќе биде на следното фестивалско издание во Битола. Градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески е особено задоволен што една ваква одлична идеја, поддржана од Општина Битола и Министерството за култура е прифатена во Србија, а догодина ваков фестивал ќе биде организиран и во Бугарија, така што идејата е да се направи мрежа на фестивали, а задоволството е толку поголемо што Битолскиот народен тетар останува сцена на која се одиграле најмногу наслови на единствениот Шекспир.
Бит фест влегува во втората третина од своето траење и претставува покрај културна акција и акција за економска промоција. Културната комуникација е сигурно еден од најдобрите начини да биде воспоставена повеќеаспектна соработка, особено кога станува збор за заеднички историски епизоди, испреплетеност на индивидуални животни судбини, па и на цели народи: македонскиот и израелскиот. „Со оваа средба сакаме да промовираме еден нов начин на комуникација преку директни и почести средби каде би се унапредила сооработката, а Битола со својата стратешка поставеност од културен и географско – историски аспект го развива сопствениот економски просперитет во индустријата и стопанството, сето тоа благодарение на културата“ – изјави градоначалникот д-р Владимир Талески во присуство на Неговата екселенција израелскиот амбасадор во Македонија и директор за Балканот г-дин Dan Oryan при поставувањето на Спомен плоча на столбовите на некогашната синагога „Кахал Португал“, во градскиот парк во Битола, по повод дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Израел.
Во рамките на Бит фест синоќа беше изведена и наградуваната израелска престава „Нашиот клас“, која и според текстот, режисерскиот концепт и акретската игра пред битолската публика беше одиграна како прецизна театарска бравура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.