| четврток, 6 декември 2018 |

Сашко Коцев: Мобилни телефони, доцнења, разговори додека трае претставата, ја убиваат театарската магија

Синоќа на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) се прикажа претставата „Дон Жуан“ на бугарскиот театар „Иван Вазов“. Одличната претстава чиј режисер е Александар Морфов, за жал, публиката која беше дојдена да ја гледа, не можеше да ја следи, најмногу поради однесувањето на дел од гледалиштето.

Меѓу публиката беше и актерот Сашко Коцев. Тој упати апел до театарската публика, за начинот на кој треба да се однесува кога посетува театарска претстава.

Тој потсети оти користењето на мобилните телефони и разговорите во текот на текот на претставата, како и доцнењето при доаѓање во театар, се меѓу најчестите причини кои им пречат на актерите, како и на останатите присутни гледачи.

– Актерите на сцена се преправаат дека никој не ги гледа, а публиката скришно, воајерски ѕирка, како низ прозорчиња, и се преправа дека не е тука, за ние да можеме да ја донесеме магијата наречена театар. Таа магија се остварува кога ние ќе заборавиме дека некој н гледа, а кога публиката ќе заборави дека ѕирка. Тоа е бесценетиот момент заради кој излегуваме егзалтирани после претставата. Сето ова го рушат сите ѕвонења и јавувања на мобилни, сликање со блиц, довикувања, разговори, влегување 20 минути подоцна, носење тригодишни деца на вечерна претстава. Овие работи веднаш не враќаат во реалноста… И вас и нас – напиша Коцев, додавајќи дека сите вакви вознемирувања повеќе го нервираат како гледач на претстава, отколку како актер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top