| четврток, 6 декември 2018 |

400 илјади гости на „Пивофест 2015“

Тринаесеттото издание на „Пивофест“ беше најспектакуларното досега со околу 400.000 посетители во четирите фестивалски дена, соопштија денеска организаторите на манифестацијата локалните власти и невладината „Центар за граѓански иницијативи“.

– Можам слободно да кажам дека ова беше најмасовниот „Пивофест“ организиран досега. Тоа не се само мои впечатоци туку и од публиката и граѓаните кои беа дел од најголемата фестивалска манифестација во Македонија. Само последната вечер имаше преку 100.000 посетители, а на целиот Фестивал во Прилеп дојдоа околу 400.000 гости. Тоа е особена гордост за мене не само како градоначалник, туку овој фестивал станува гордост за Прилеп и за цела Македонија. Овој фестивал станува најатрактивниот туристички бренд на Македонија. Прилеп полека станува центар на овој дел на Балканот за организирање на оној најмодерен вид на туризам засега во светот, а тоа е фестивалскиот туризам, рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Најбитно е, се согласија организаторите што фестивалот беше безбеден за посетителите, а за тоа се погрижија вработените во локалната самоуправа, од МВР, комуналните претпријатија и целиот бизнис сектор.

– На фестивалот беше безбедно за посетителите кои ги имаше од сите страни. Не само од Македонија, туку и од соседните Србија, Бугарија, Грција, Албанија, од Босна и херцеговина, од Хрватска. Посетители дојдоа и од Германија, Холандија, Белгија, а пристигнаа и нашинците од Австралија и од Америка. На паркот на револуцијата во четирите фестивалски дена имаше преку 1.200 кампери, рече Ристески.

Локалните власти допрва ќе ги сумираат бројките во испиено пиво и изедена скара, ако и во економскиот бенефит не само за градот, туку и за регионот. Се знае само дека се надминати сите рекорди.

За наредната година се најавија и новини во организацијата со учество на повеќе странски музички ѕвезди и голем број на други новитети.

– За наредната година имаме и други планови, сакаме да го направиме малку поевропски фестивалот со повеќе странски музички имиња и ќе ја зголемиме бројноста на организаторите. Ќе најдеме професионалци кои може да организираат манифестации од таков калибар. Ги поканувам и медиумите и сите кои имаат сугестии да ни ги понудат. Планираме за наредната година да имаме соработка со повеќе туристички агенции од странство кои ќе донесат гости на „Пивофест“, изјави Ристески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top