| четврток, 6 декември 2018 |

Узунов и официјално замина од СДСМ и се откажа од Заев

Првиот соработник на Заев разочаран од потпишаниот договор си поднесе оставка.

Ванчо Узунов, еден од најистакнатите кадри на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, и официјално си поднесе неотповиклива оставка од фунцијата потпретседател на партијата и се откажа од актуелниот лидер Зоран Заев.

Првиот соработник на Заев и потпретседател на СДСМ го напушти својот претседател разочаран од деструктивните политики, но најмногу поради потпишаниот договор од пред три дена.

Узунов, свесен дека со овој договор СДСДМ ќе доживее уште еден дебакл на изборите, и официјално се повлече од функцијата пред завчерашната седница на Извршниот одбор на партијата. Узунов оставката ја доставил во писмена форма. Партискиот портпарол Петре Шилегов го потврдил повлекувањето на универзитетскиот професор и вели дека во образложението на одлуката за заминување од партијата биле наведени сериозни лични причини.

Ваквиот чекор Узунов го најави уште минатата недела, како револт од политиките што ги спроведува раководството на партијата предводено од Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Узунов отворено во својата последна колумна го изнесе своето размислување за политиките на неговата матична партија и за резултатите од анкетата на ИРИ. Тој за разлика од Заев, кој смета дека се нерелевантни,  ги прифаќа резултатите и ги оценува  како релевантен показател на јавното мислење.

-Од друга страна, ги имаме и резултатите од анкетата на ИРИ. Во отсуство на други такви анализи, ги прифаќам и добро ќе размислам за тоа дали има било каква смисла мојот натамошен ангажман во политика, пишува Узунов.

Според познавачите, повлекувањето на Узунов кој важи за еден од најквалитетните кадри со кои располага опозицијата е резултат на растечкото незадоволство од работењето на Заев и останатото раководство, лажната еуфорија и неостварените ветувања на лидерот на СДСМ, како и резултат од отвореното незадоволство од договорот и условите на кои се согласи опозицискиот лидер.

Се најавуваат уште оставки во наредниот период, мнозинството на функционери и членови на СДСМ не го прифаќаат постигнатиот договор и најавуваат внатрепартиска пресметка.

Узунов претставува и значително ослабување на економскиот тим. Имено, тој беше единствениот економист во тимот, а сега со неговото заминување се губат и било каквите шанси дека СДСМ може да седне и да напише некаква програма, за која од партијата засега не ни се зборува, ниту пак, се споменува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top