На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, Зоран Заев одбил да го стави на гласање Договорот од Пржино, сервирајќи им го како “техничка завршена работа”. Договорено е Соросоидите да влезат во власта, а сите други треба да работат на изборите догодина, пишува „Вечер“.
ЦО на СДСМ синоќа не доби ниту еден одговор од Зоран Заев: зошто немаат програма, со што ќе делуваат кога ги нема бомбите, протестите и кампот, што договорил и се пазарел за своите судски постапки за Пуч и корупција, и зошто ги убедува дека плановите се исполнети, кога реално добил само едно министерство.
Како што пишува „Вечер“, сериозна загриженост искажале голем дел од членовите на Централниот одбор на СДСМ, по потпишувањето на Договорот во Пржино, кој Зоран Заев, на барање на дел од членовите не го ставил на разгледување и гласање, туку само им го сервирал како завршена работа.
На синоќешната седница на ЦО на СДСМ се појавија и покажаа сите проблеми во партијата кои досега се туркаа под тепих, се криеа и се замачкуваа под формата: “Остај сега не е време, гледаш дека се бориме против Груевски, чија влада само што не паднала”. На Централниот одбор не беше ниту дискутирано, а уште помалку гласано за договорот кој го потпишал Зоран Заев. Уште кога почнале забелешките од присутните дека со запирање на бомбите и тргање на кампот од пред влада се губи најсилното оружје против Груевски, а никој не планира алтернатива. Заев и неговите први соработници процениле дека дискусијата оди во лош правец за нив и не дозволиле широка и детална расправа по договорот. Главното прашање од овој дел на членовите било: “Со што ќе се бориме против Груевски ако ги запреме бомбите и ги тргнеме шаторите…” Една од посериозните забелешки на членовите на Централниот одбор било дека раководството најавило дека ќе оди на годишен одмор, а нема никаква програма за работа, ниту пак концепт и програма за избори, како ни план и кадри кој треба да го истуркаат предизборниот процес. На Заев и раководството им било забележано дека не поднеле отчет за нискиот рејтинг во партијата и дека немаат план како тој рејтинг да се поправи, а приказните кои кружат во партијата дека некоја италијанска фирма ќе ја правела програмата на СДСМ биле оценети како аматеризам и губење време, бидејќи тоа е работа на партијата, а не на странска фирма.
Членовите на централниот одбор се согласуваат дека мерило за успех на преговорите се изборите, но му замеруваат на раководството дека анкетите не одат во корист на СДСМ.
Извори од ЦО на СДСМ наведуваат дека затоа е извесно дека во власта ќе влезат кадрите на Сорос кои ја водат партијата, а сите останати ќе треба да им ги одработат изборите догодина. На овој начин Соросоидите ќе останат чисти од изборниот пораз кој го најавуваат сите релевантни меѓународни анкети.
Заев се обидел да ја смири ситуацијата со тоа што рекол дека добиле пет министерства и јавен обвинител, што значело исполнување на целта. Но, од присутните му било забележано дека СДСМ добива едно место труд и социјала, и неколку заменици со ограничени овластувања на изборниот процес, а дека МВР не е нивно министерство, туку само технички министер кој треба да го определат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно.
Од Заев било изрично барано да објасни дали се запрени неговите судуски постапки, и тоа прецизно како судската постапка за прислушкувањето Пуч, така и судската постапка за 200.000 корупција, како и дали ќе има ново судење, дополнително за 35.000 евра земени поткуп за што неколку пати давателот на поткупот даде јавна изјава.
Ова било важно за делегатите за да знаат на што се фокусирал Заев: на сопствените интереси или на интересите на партијата, а освен тоа и затоа што според Статутот на СДСМ, доколку биде Заев осуден пред изборите за некое дело тогаш по автоматизам му престанува функцијата и треба да се бара нов претседател на СДСМ. Заев не дал прецизен одговор на овие прашања за неговите судски постапки, што предизвикало незадоволство и сомневање кај членовите на ЦО.
Најпосле, по седницата на централниот одбор, тргањето на шаторите пред влада Заев го организирал практично сам, со своите најблиски соработници и негови лични поддржувачи.
Група од членовите по завршување на состанокот на ЦО заминала дома со коментари дека СДСМ е доведена во ќорсокак и пред свршен чин пред изборите и дека Заев практично одлучува сам со Шеќеринска, Шилегов и неколку негови приврзаници од внатрешноста и дека е тоа последица на лошиот Статут на партијата кој беше донесен како таков по барање на Заев, со што делегатите на Конгресот и членовите на Централниот одбор не го бираат него, туку тој ги бира сам по личен избор.
Бадијала била дискусијата и било какви размислувања за промени во партијата, бидејќи со таков Статут ништо не може да се смени.
Во опозицијата се свесни дека ВМРО-ДПМНЕ е во кампања 365 дена во годината, така што, кога веќе нема ни бомби ни протести, СДСМ сеуште нема никаква стратегија како ќе настапи на изборите догодина и врз основа на што ќе ја бара довербата на гласачите.
Седницата на Централниот одбор на СДСМ следува по завчерашното потпишување на договорот за крај на политичката криза, по што стана јасно дека лидерот на социјалдемократите Заев го продаде СДСМ за да се спаси себе си од судење.
После сè што направи Заев нема техничка влада, владата ја води ВМРОДПМНЕ до избори, СДСМ нема министри во финансии, МВР и правда што СДСМ изрично бараше. Во договорот нема обврска за смена на досегашниот јавен обвинител. Има само запирање на судската постапка против Заев што е негов личен ќар, а СДСМ не доби ништо особено.
Изборите ќе бидат брзо во април како што бараше ВМРО – ДПМНЕ, не за две години како што бараше СДСМ. Повеќе од половина време и енергија, Заев на преговорите ја искористил за запирање на сите судски процеси против него до одржување на изборите. Никаде не е напишано, но е прифатено да се одложи судењето за Пуч. Не му е прифатено одложување на процесите за корупција, бидејќи како што работи Зоран Заев сигурно дека ќе има нови случаи на корупција до изборите.
Заев одбивал да го потпише договорот. Еврокомесарот Хан им предложил на Груевски, Ахмети и Тачи да го потпишат, без разлика што Заев одбивал. Потпишал во последниот половина час, откако Хан му кажал дека и без негов потпис договорот стапува на сила!
„Ти немаш чувство за политика, а сакаш да бидеш премиер. Со ова однесување ќе ти се распадне партијата” со овие зборови еврокомесарот Хан му се обратил на лидерот на СДСМ Зоран Заев по неговото упорно одбивање да го прифати договорот за избори во април.
Хан бил толку лут што дури и со раката удрил по масата. На Заев му се заканил дека ако не го потпише договорот, ќе излезе со изјава во медиумите во која директно ќе го поосочи како виновник за неуспехот на преговорите. Истите зборови на адреса на Заев биле упатени и од Ричард Ховит по што лидерот на СДСМ попуштил под притисокот и се согласил во април да се одржат избори.
Паметните го напуштаат Заев!
Раслојувањето во најголемата опозициска партија, кое започна веднаш по изборот на Зоран Заев за прв човек на партијата, продолжува особено по објавувањето на најновата анкета на ИРИ, во која ВМРО-ДПМНЕ бележи повеќе од двојна предност пред СДСМ. Потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов во колумна јасно го кажа својот став за политиката на СДСМ и за анкетата на ИРИ, што е целосно спротивен од тој на Зоран Заев.
Во својата колумна Ванчо Узунов напиша:
“Од друга страна, ги имаме и резултатите од анкетата на ИРИ. Во отсуство на други такви анализи, ги прифаќам и добро ќе размислам за тоа дали има каква било смисла мојот натамошен ангажман во политика”.
Ова е целосно спротивно на ставот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој пред некој ден изјави “во хибриден режим, којшто опстојува нашето општество, автократско владеење од страна на Груевски, какво што го дебатираме, разговараме, и ние и сите меѓународни институции, ниту една анкета не е релевантна. Никој не може да верува во такви анкети”.
Имено Узунов не само што ги признава резултатите на ИРИ како релевентен показател на јавното мислење, туку и најави дека и ќе се дистанцира од политиката. Ова според многумина може да се протолкува дека Узунов како потпретстедател на СДСМ се противи на политиката која ја води Зоран Заев и Радмила Шекеринска и го напушта раководството на партијата поради нивните погрешни потези и одлуки.
Солза Грчева, Љубица Буралиева, Роза Топузовска Каревска уште пред една година се спротиставија на политиките кои ги наметнува Заев и спротивно на партиската одлука за бојкот, одлучија да седнат во собраниските клупи. Според нив, пратениците се народни избраници и нивна работа е да бидат гласот на народот во македонскиот парламент.
Претходно, грб на Заев и Шеќеринска му свртија и дотогашните први луѓе на “Бихаќка”, кои дотогаш активно учествуваа во креирањето на партиската стратегија на СДСМ. Игор Ивановски Шема, Гордан Георгиев, Јани Макрадули, Наташа Савова и уште неколку други се повлекоа од партискиот врв откако струмичкиот градоначалник седна во првата фотелја на “Бихаќка”.
Иако досега јавно не го искажал неговиот став, со актулените политики на СДСМ не се сложува и пратеникот Марјанчо Николов, кој не го поддржа Заев во ниту еден од неговите јавни настапи. Очигледно дека во СДСМ се повеќе се манифестира незадоволство од деструктивната политика која ја води двоецот Шекеринска и Заев. Во отсуство на економска понуда и програма, СДСМ се занимава само со негативна кампања, која според резултатите на ИРИ не поминува кај граѓаните и после 6 месеци објавување т.н. “бомби”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.