Јавноста беше разбранувана со изјавата на владиката Иларион дека јогата е одрекување од православната вера и од Исус Христос, а на сите што практикуваат јога тој им фрли анатема. Во тој контекст беше и тврдењето дека на часовите по јога членовите биле индоктринирани со други религии. За овој став на владиката Иларион, за хајката која се води против јогата кај нас и во други земји, за придобивките од практикувањето јога разговаравме со претседателот на Јога- сојузот на Македонија, д-р Благоја Ѓорѓиески, специјалист физијатар.
Дали е потребно нормативно да се дефинираат критериумите што треба да бидат исполнети за некој да предава јога во Македонија, како што тоа е регулирано во европските земји?
ЃОРЃИЕСКИ: Секако дека е потребно затоа што јогата не е обичен фитнес или нешто слично. Која било настава за да се одвива правилно и да даде добар резултат, зависи од неколку фактори: квалитетот на едуцираноста на наставникот, методологијата на предавање, подготвеноста и ангажираноста на ученикот за учење и др. Истото, дури и многу повеќе, важи и за јогата како учење и како начин на предавање. Јогата како наука е специфична и комплексна. Како предмет на истражување и на настава е самиот човек во неговата интегрална структура составена од физичката, биоенергетската, менталната, емотивната и други потструктури. Пред сѐ, наставникот треба да има солидно и долгогодишно лично искуство во јога, да има посетувано и завршено одредена обука за наставник по јога, познавања од медицината, психологијата, филозофијата и сл. Всушност, квалитетната настава по јога зависи најмногу од квалитетно обучен наставник по јога. Посебно е важна обученоста на наставникот кога јогиската програма се користи за специјализирани курсеви за бремени жени, за здравствени проблеми, спортисти, деца и други. При Јога-сојузот на Македонија веќе неколку децении постои школа за обука и усовршување наставен кадар по јога за младите наставници да го стекнат сето знаење, теоретско и практично, за науката на јогата и како таа да стигне блиску до обичниот човек со цел да се добијат сите благодати што таа ги пружа. Предавачи во оваа школа се искусни професори по јога со над 30-годишно лично искуство во јога и искуство како наставници. Ова го тврдиме за јогата што се предава во рамките на Јога-сојуз на Македонија и се оградуваме од начините на предавање во групи и организации надвор од Јога-сојузот на Македонија. Школата за обука на наставен кадар ја посетувале многу наставници кои предаваат јога не само во центрите во различни градови, туку и во многу европски држави (Германија, Франција, Полска, Шпанија и сл). За жал, секој што предава јога во Македонија ги нема соодветното искуство и знаење. Некои од нив „се чувствуваат“ способни за да предаваат јога, има и такви што стекнуваат инстант знаење од сомнителни курсеви за инструктори кои ги посетуваат во други држави, кои сѐ повеќе ги има. Наша заложба е оваа проблематика нормативно да се регулира и во Македонија и како организација сме подготвени со искусен кадар да го дадеме нашиот придонес во тој правец.
Јавноста беше разбранувана со изјавата на владиката Иларион дека јогата е одрекување од православната вера и од Исус Христос, а на сите што практикуваат јога тој им фрли анатема. Како Вие би ја коментирале изјавата на владиката? Во тој контекст беше и тврдењето дека на часовите по јога членовите се индоктринирани со други религии?
ЃОРЃИЕСКИ: Не би сакал да давам коментар за изјавата на владиката Иларион, но ќе дадам изјава за она што се работи на практичните часови во центрите кои се членки на Јога-сојузот на Македонија и за искуството кое се стекнува благодарение на тоа што го нуди јогата како практичен систем. Се разбира дека на нашите часови во центрите при Сојузот воопшто не се зборува за религиозни елементи, а најмалку, пак, за религијата за која спомнува самиот владика. Јогата не е религија. Пред сѐ, таа е наука и практичен метод преку кој човекот директно се спознава себеси, ги развива своите психофизички потенцијали како интегрално битие. Во наставата по јога не се наметнуваат никакви религиозни видувања затоа што тоа е право на секој поединец. Часовите по јога ги посетуваат лица со различна националност и вероисповед и тие доаѓаат затоа што јогата придонесува за подобрување на квалитетот на живеење. Јога-сојузот преку медиумите и интернетот ја запозна јавноста со официјалниот став по ова прашање.
Од каде доаѓа оваа хајка на јогата? Во Грција и во Русија се појавија информации дека некои студија во кои се практикува јога добиле заканувачки писма да престанат со работа, етикетирајќи ги како религиски секти?
ЃОРЃИЕСКИ: И самиот сум изненаден од таквата хајка, независно дали е спроведена во Грција, Русија или кај нас во Македонија. Пред сѐ, да потсетиме дека навистина постојат некои школи кои вклучуваат религиозни елементи, но не значи дека секоја школа по јога го прави тоа. Ние се оградуваме од работата на таквите школи. Од самиот почеток на своето постоење, пристапот на Јога-сојузот на Македонија има, пред сѐ, научен карактер. Првите истражувања се правени во почетокот на 80-тите години на минатиот век со Институтот за физиологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Резултатите од тие истражувања покажаа дека јогата како практичен систем има позитивно влијание врз физичкото и психоменталното здравје на човекот. Тоа беа првите истражувања за јогата не само во Македонија, туку и пошироко. За спомнување е дека во 1997 година се одржа првиот научен собир за јога со меѓународно учество, под покровителство на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на кој учествуваа експерти за јогата од повеќе држави, како, на пример, проф. д-р Цтибор Досталек, тогашен потпретседател на чешката академија на науки, д-р Мукеш Џаин, претседател на индиското друштво за клиничка ајурведа, како и експерти од Италија, Грција. Резултатите од нашите истражувања беа презентирани на медицински конгреси одржани кај нас и во странство (Франција, Италија, Унгарија, Индија, Грција, Полска итн).
Кои се придобивките од практикувањето јога?
ЃОРЃИЕСКИ: Нашето искуство покажува дека многу практиканти доаѓаат на часови по јога заради грижата за своето здравје, за подобрување на квалитетот на секојдневното живеење и за водење грижа за личното физичко и духовно добро. Тука техниките се најделотворни затоа што превентивно влијаат врз нарушувањето на здравјето како последица на динамичниот начин на живеење и секојдневното присуство на стресот во нашите животи. Но, во последно време сѐ повеќе практиканти доаѓаат заради конкретни здравствени тешкотии, при што се покажало дека редовното практикување јога придонесува за намалување на симптомите или за подобрување на здравјето во целина. Како пример за таквото влијание на јога техниките е одржувањето специјализирани терапевтски курсеви во Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид уште од далечната 1992 година, па до денес. Успехот кај таквите пациенти се гледа во намалувањето или комплетно елиминирање на факторите на ризик кои довеле до појава на заболувањата кај нив.
Јогата не е религија, туку научен метод за човековото усовршување на физички и на психоментален план. Во Македонија Јога–сојузот постои повеќе од четири децении. Каква е Вашата методологија на предавање јога?
ЃОРЃИЕСКИ: Предавањето на јогата во центрите на Јога-сојузот на Македонија се врши според методологијата и системот на јога на учителот Павлос К. Хасанагас, кој почнува да ја предава јогата во Македонија во далечната 1972 година. Според неговата методологија, задржани се традиционалните вредности на јогата како наука за човекот, но, сепак, таа е приспособена на потребите на современиот човек на овие простори. Програмата се конципира според целта и целната група за кого е наменета: за почетници, напредни, деца, пензионери, терапевтски курсеви, пренатална јога и други Резултатите во јога зависат, пред сѐ, од мотивираноста, редовноста и упорноста во практиката и од учесниците на курсевите.
Освен што сте претседател на Јога–сојузот на Македонија, Вие сте и специјалист физијатар. Како вежбањето јога им помага на пациентите што имаат болки во ’рбетот, грбот, екстремитетите?
ЃОРЃИЕСКИ: Денешниот начин на живеење во голема мера е „виновен“ за ’рбетните заболувања, како и за заболувањата на мускулно-скелетниот систем. Прекумерниот замор, физичката неактивност и начинот на исхрана имаат големо влијание врз појавата на таквите заболувања. Заради пристапот кон изведувањето на програмата, по кратко време се добиваат позитивни ефекти. Таквото позитивно искуство го користам и во мојата лекарска практика како физијатар, при што на некои пациенти им препорачувам да работат едноставни вежби со кои многу ќе си помогнат во надминување на здравствените тешкотии. Една од поголемите придобивки од редовното практикување јога е тоа што практикантите учат како подобро да се носат со себеси во модерниот начин на живеење за да се избегнат неговите негативни влијанија.
Освен за лицата што имаат проблеми со ‘рбетот, за кои други болести или, пак, заболувања се препорачува јогата?
ЃОРЃИЕСКИ: Искуството покажува дека јогата како практичен систем позитивно влијае врз т.н. психосоматски заболувања, при што директно влијае врз причините за нивната појава. Во таа група заболувања спаѓаат кардиоваскуларните заболувања, дијабетесот, астмата и други белодробни заболувања, циркулаторни, хормонски и др. Кои, за жал, сѐ повеќе се присутни кај помладата популација. Кога зборуваме за ефектите што ги нуди јогата, да спомнеме дека таа не е семоќна во надминување на болестите. Јогата како практичен систем му помага на човекот да стане посвесен за начинот на живеење и како да направи позитивни трансформации во своето функционирање за да си ги подобри здравјето и квалитетот на животот. Тоа значи дека јогата наоѓа комплементарна примена на современата медицина во подобрувањето на здравјето на човекот.
Од 1984 година во Македонија има и курсеви за јога за трудници. Кои се придобивките за трудниците од посетата на тие часови?
ЃОРЃИЕСКИ: Податокот дека курсевите за бремени жени (пренатална јога) се применуваат повеќе од 30 години и дека тоа беа први курсеви од таков карактер во тоа време, воопшто зборува за научната апликација на јогата од страна на Јога- сојузот на Македонија од самиот почеток на своето постоење. Програмата за пренатална јога покажа дека идната мајка успева полено да се приспособи на промените што настануваат за време на бременоста за бременоста да биде период на пријатно и подносливо искуство. Исто така, идната мајка успева да ги намали стравот и несигурноста и да се подготви на соодветен начин за самиот чин на породувањето. Многу мајки во повеќе градови во Македонија се сведоци на позитивните влијанија на јогата, а бременоста и чинот на породувањето ги доживеале како несекојдневно и исклучително пријатно искуство.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.