| четврток, 6 декември 2018 |

Тричковски: Навивачите се силата на АПОЕЛ

tricko

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски е дел од генерацијата на АПОЕЛ што испиша историја со пласманот во четврт-финалето во Лигата на шампионите, но вечерва сосема очекувано ќе навива за својот матичен клуб Вардар во битката во Никозија меѓу двата клуба во кои оставил значаен белег.

АПОЕЛ против Вардар со прва рунда во Никозија на „ГСП арена“, вечерва од 19 часот. Тричковски е вистинскиот човек за анализа пред првиот дуел на кипарскиот и македонскито шампион.

„АПОЕЛ е поискусен состав и клуб каде веќе стана навика учеството во завршната фаза во европските купови. Имаат континуитет со настапи во Лигата на шампионите или во Европа лигата, а во вакви натпреварувања искуството е драгоцено. Од друга страна Вардар создаде тим за респект и верувам дека има шанса да извлече поволен резултат, иако против нив ќе бидат доста параметри. Пред се тука се навивачите на АПОЕЛ, кои знаат да направат пеколна атмосфера. На крилјата на подршката од трибините додека јас бев член на овој клуб во Никозија паѓаа големи клубови од калибарот на Порто, Лион и Зенит. Само големиот Реал Мадрид не надигра, но и нивните ѕвезди ја потенцираа извонредната атмосфера. Според мене фудбалерите на Вардар треба да влезат во добар ритам во првите дваесетина минути и да не дозволат да паднат на притисокот. Добар резултат во Никозија, ќе ја крене атмосферата во Македонија, а тогаш улогите ќе бидат променети. И навивачите на Вардар знаат да создадат прекрасна атмосфера. Полн стадион во Скопје може да го доведе мојот матичен клуб до подвиг и пласман понатаму, иако реално АПОЕЛ е фаворит“, вели за „Република“ Тричковски.

Тој најавува враќање во Европа, по речиси едногодишна авантура во Ал Наср од Дубаи. Интересно е што офанзивецот со 34 настапи за македонската репрезентација во овој преоден рок имаше понуди и од АПОЕЛ и од Вардар, но засега се уште не одлучил каде ќе ја продолжи кариерата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top