Со изведба на бугарската претстава „Нирвана“ од Константин Илиев, во режија на Иван Добчев од театарот „Сфумато“ од Софија синоќа во дворот на Сарајот во Ресен заврши 13. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актер на Европа“.
Фестивалот, според критиката, како што соопшти општина Ресен, покажал и докажал врни уметнички дострели преку изведбите на шестте претстави, од Словенија, Бугарија, Германија, Франција и Македонија.
За најдобра претстава жирито едногласно ја прогласи „Нирвана“ во изведба на младите актери Ирмена Чичикова и Христо Бонин.
Наградата „Актер на Европа“ за 2015 година и беше доделена на Силвија Берже од Комеди Франсез, Париз за претставата „Тестаментот на Ванда“.
Стручното жири, во состав Благој Стефановски – претседател и Мартин Кочовски и Весна Гаврил членови, ги додели наградите „Жак Лакариер“ за експеримент и иновација на претставата „Глупирање наоколу“ од театарот Келер од Келн, во режија на Брајан Мајклс и на Ана Батева за претставата „Обѕрни се во гнев“.
Гранд при од публиката и беше доделена на претставата „Излегов да се прошетам“, за најдобар текст доби Жан Пјер Симеон од Франција за „Тестаментот на Ванда“, наградата „Наум Манивилов Преспански“ ја доби митрополитот eвропски Пимен за афирмација на духовните вредности на Преспа, додека награда од весникот „Јавност“ доби претставата „Ирена, не можам повеќе“ во изведба на Мирел Кнез и режија на Ник Упер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.