| четврток, 6 декември 2018 |

Планот на Шојбле за привремен „Грекзит“ е официјален германски став

грек
Планот на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле според кој доколку Грција не направи нови отстапки ќе се соочи со најмалку пет годишен излез од еврозоната е официјален план на Германија.И покрај тоа што Грчки извори и претставници на СПД коалициониот партнер на партијата на Меркел вчера негираа постоење на ваков план тој беше потврден вчера доцна навечер. Зад него стои и канцеларката Меркел, а лидерот на СПД , вицеканцелар и министер за економија Зигмар Габриел изјави дека е запознат со планот на Шојбле кој прв го објави весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг”.

Планот содржи две точки , според првата, цел на Германија е да се задржи Грција во еврозоната со неколку дополнително преземени чекори:
– Да стави јавни компании и други имоти кои што треба да бидат приватизирани под контрола на независен труст кој што треба да ја врши продажбата а со добиените пари да се плати дел од националниот долг.
– Да ја реформира јавната администрација под директна супервизија на Европската комисија.
– Да донесе закони за автоматско кратење на владините трошења доколку буџетскиот дефицит не ги постигне поставените финансиски цели кои што се движат околу сумата од 50 милијарди евра.

Втората цел на Германија за време на најдраматичниот викенд во историјата на ЕУ во 21 век е петгодишен одмор на Грција од еврозоната.

Германските извори велат дека втората цел ќе стане реалност само доколку Грција не се согласи на предходните барања. Доколку дојде до тоа планот на Шојбле предвидува најмалку 60 месеци Грција надвор од еврозоната да се стабилизира финансиски и економски со помош на своја посебна валута при што може да добие преструктуирање на долгот и „хуманитарна и техничка помош“.

Габриел ја спушта топката меѓу Берлин и Париз

Според вицеканцеларот Габриел неговата партија става акцент на заеднички и координиран настап до Франција. Тој изјави дека: „Во ваква деликатна ситуација секој можен предлог вклучително и тој на Шојбле мора да биде анализиран непристрасно а истиот ќе биде реализиран само доколку грчката влада не понуди подобра алтернатива“.

Дел од германските аналитичари пораката на Габриел за заеднички настап со Франција треба да ја спушти тензијата меѓу Париз и Берлин која се појави откако медиумите открија дека француската влада испратила свои експерти на помош на Грција со цел да подготви подобра понуда во пресрет на вчерашната средба на еврогупата во Брисел. Планот на Шојбле и неговата тајност истовремено се толкува како германски одговор на тајната дипломатија на Париз кој што не ја информирал Германија за своите активности.

Дека меѓу Германија и Франција има несогласувања во врска со Грција говори и поделбата на вчерашниот состанок на еврозоната на една група земји која што е предводена од Германија а која се залага за излез на Грција од еврозоната ако не соработува и втора група предводена од Фрнација и Италија кои што по секоја цена сакаат Грција да остане дел од единствената монетарна унија.

Третиот пакт за спас ќе чини 100 милијарди евра

Една од причините за ваквиот цврст став на Германија кон Атина покрај непостоење на доверба дека Ципрас навистина ќе ги исполни ветените мерки би можела да биде и вкупната сума која што е потребна во оваа фаза за да се стабилизира Грција. Иако Грција најави дека ќе бара околу 60 милијарди евра во наредните години германскиот весник „Билд“ тврди дека новиот пакет за помош на Грција ќе биде во висина од 100 милијарди евра од кои повторно најголем дел ќе треба да ги обезбеди Германија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top