Ресен ќе добие уште еден споменик на културата. Станува збор за спомен-куќата на Христо Татарчев, која почна да се гради на површина во 280 квадратни метри. Внатрешното уредување ќе има модификации зашто новиот објект ќе функционира како спомен-куќа со музејски поставки и со простор за прием на посетители и за одржување разновидни културни настани… Упатените информираат дека куќата ќе биде изградена на 280 квадратни метри, на приземје и кат, и ќе биде енергетски ефикасен објект со хортикултурно уредена околина.
– Куќата на еден од основачите на Македонската револуционерна организација Христо Татарчев во центарот на Ресен ќе биде изградена на местото каде што постоела и однадвор ќе го има автентичниот лик, а се очекува да биде готова и отворена во август в година – вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
За изградбата е надлежен Заводот и музеј – Битола.
– Таа ќе ги има стилските карактеристики и амбиент на куќа со фолклорна архитектура типична за 19 век. Проектот е веќе изработен врз основа на документација за објект што веќе го нема. Објектот, кој бил прогласен за значајно културно наследство со особено историско значење, е урнат во 2004 година. За подготовка на изградбата во изминатиот период беше сменет и Деталниот урбанистички план на општината – велат оттаму.
Паралелно се работи и на ентериерот и на собирањето експонати по пат на откуп или на донација.
– Овој објект има особено значење за историјата на македонскиот народ од периодот на национално-ослободителното движење. Поради неговата важност, овој проект се наоѓа и во програмата на Владата и на Министерството за култура и е предвидена изградба на нов објект. Во него ќе има современа музејска поставка и во три посебни целини ќе бидат изложени голем број фотографии, предмети и документи за револуционерната активност на Христо Татарчев, прв претседател на Централниот комитет на Организацијата. Обновата на објектот ќе придонесе и за развој на културниот туризам во Ресен – рече Канческа-Милевска.
Ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезоски рече дека е задоволен што ќе се реализира нивна дамнешна желба – да се изгради спомен-куќа посветена на Татарчев, кој потекнува од нивниот град.
– Просторот на куќата со години стоеше запуштен и обраснат со дива вегетација. Бидејќи е во центарот на градот, сметам дека со изградба на куќата ќе се постигнат повеќе цели – тој простор ќе се облагороди и Ресен ќе добие објект што ќе го промовира нашето културно и историско наследство и ќе биде основа за развој на културниот туризам во нашиот град – истакна Стрезоски.
Лекарот Христо Татарчев (1869-1952) се родил во куќата и во неа имал ординација, а нејзиното историско значење е во тоа што се смета дека таму во август 1894 година бил одржан првиот конгрес на Внатрешната македонска револуционерна организација, формирана во претходната, 1893 година. Состанокот се одржал во сабота навечер на 4 ноември (23 октомври стил) 1893 година, во станот на Христо Батанџиев, а на него присуствувале: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев – учител, Петар Поп Арсов – учител, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров, Христо Батанџиев и сите едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација. На 23 јануари 1901 година почнала Солунската афера, кога ноќта турските власти ги уапсиле Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев – Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија.По нивното апсење, почнале серија претреси при што полицијата упаднала во живеалиштата на Христо Татарчев, Никола Попев, Коне Попев, Димитар Паљошев и Христо Пиперков. Последните двајца биле уапсени, а Пиперков подоцна бил ослободен. Малку подоцна бил уапсен и самиот Христо Татарчев. Иако, тој можел да избега и да се засолни, бидејќи за можното апсење му било укажувано од помошникот на рускиот конзул, Тодор Хаџимишев, Татарчев не сакал да дезертира. Подоцна дел од нив биле осудени на смрт, некои на доживотна робија, петгодишен затвор, некои на две години, а некои биле ослободени. Поради пренатрупаност во солунскиот затвор, на 6 јули 1901 година, заедно со 38 затвореници, меѓу кои биле Христо Матов, Пере Тошев Иван Хаџи Николов и други, во придружба на 20 војници со еден поручник, Татарчев бил спроведен со парабродот „Марија” (во сопственост на компанијата „Хаџи Даут“) и испратен за Подрум Кале, каде што требало да ја издржува својата казна заедно со своите другари.
Заедно со Христо Матов и Пере Тошев, Христо Татарчев бил помилуван од страна на султанот. На помилувањето му претходело тоа што Татарчев му помогнал на некој висок турски службеник така што успешно ја породил неговата жена, која претходно три дена се породувала во големи болки. Меѓутоа, иако ослободен, тој не заминал веднаш дома, туку секој ден им носел храна на своите другари што ја издржувале затворската казна. На враќање од Подрум Кале, во Грција, Татарчев бил повторно уапсен, под обвинување дека соучествувал во убиството на некој грчки лекар. Сепак, под притисок на бугарската јавност, тој бил ослободен. Истовремено, неговата куќа била каменувана зашто се оженил за Софија, ќерката на грчкиот конзул во Солун. Меѓу двете светски војни, Татарчев напишал голем број статии во весниците „Македонија“, „Вардар“ и др. Постарите ресенци се сеќаваат на приказните дека по ослободувањето Татарчев се вратил во Ресен за да види како се живее таму, евентуално последните години да ги помине во Македонија и да се сретне со своите роднини и пријатели, кои ги оставил пред многу години.
– Вториот ден откако стигнал во Ресен отишол во една кафеана каде што се пеела песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов“. Нему му протекле солзи, но набргу под притисок бил принуден да ја напушти земјата и да замине во Бугарија, по само три дена поминати во родната земја – раскажуваат ресенци.
Како дел од поставката, покрај оригиналните документи ќе бидат изложени и 8 силиконски фигури на Христо Татарчев, Даме Груев, Анастас Лозанчев, Атанас Мурџев, Георги Пешков, Трајко Китанчев, Андреј Љапчев и Симеон Радев, како и повеќе портретни уметнички слики и масовни сцени со мотиви од Основањето на МРО, Ресенското советување од 1894 година, Комитска чета од ресенско и Заминувањето на Христо Татарчев од Македонија, кои дополнително ќе ја збогатат музејската поставка.
– Музејот на Татарчеви, несомнено, претставува враќање на една голема личност од македонската историја во топлината на нејзиното загубено огниште. Сигурна сум дека новиот објект ќе даде значаен придонес кон сочувувањето на вредните артефакти од минатото на овие простори но, овој музеј ќе биде и еден цврст материјален постулат за интензивниот културен развој на Ресен – смета Канческа-Милевска.
Експонатите во музејската поставка ќе бидат хронолошки поделени во три дела – предилинденскиот период, активностите на Татарчев во Илинденското востание и периодот по 1903 година до неговата смрт во 1952 година.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 148. број на неделникот „Република“, 3.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.