Владимир Јаневски е доцент магистер и уметнички директор на ансамблот „Македонија“. Тој е дипломиран етнолог и магистер по етнокореолошки науки, вонреден професор и доцент за настава на Музичката академија при УГД во Штип на одделот за етнокореологија. Ансамблот „Македонија“ годинава настапи на Скопско лето, а тоа што го одвојува од другите е неговиот состав – во него членуваат најдобрите студенти од одделот за етнокореологија при Факултетот за музичка уметност од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од насоката за традиционална музика и игра. Исто така, интересно е тоа што носиите со кои настапуваат членовите на ансамблот се оригинални и со голема уметничка вредност. Датираат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Тие се во лична сопственост на Јаневски, кој во изминативе 25 години истражува на теренот на етничка Македонија собирајќи и реставрирајќи повеќе од 8.000 елементи од облеката и повеќе од 500 комплетни носии од различни етнички предели.
Ансамблот „Македонија“ оваа година настапи во Сули-ан, на „Скопско лето“, со концертот „Прозорец кон традицијата“. Што содржеше програмата?
ЈАНЕВСКИ: Програмата на ансамблот „Македонија“ насловена како „Звукот на традицијата“ во вечерниот амбиентален простор на Сули-ан во Старата скопска чаршија понуди градски игри и песни од Охрид во сценската адаптација „Садило“, неколку чалгиски песни од Скопје, орото „Невестинско венчално“ од Велес, изведувани од чалгискиот оркестар, како и орото „Велигденско“ изведено со оркестарот на традиционални инструменти. Беше отпеана и песната „Грабиле гу Анѓелину“ од пределот Жеглигово во прекрасната невестинска носија од истоимениот предел. За крај беа одиграни машкото малешевско оро „Чангулово“ во изведба на тапани и на зурли и сценската адаптација „Зајди, зајди“ од пределот Овче Поле, која ги понуди ората „Арнаут“, „Потрчулка“, „Крстач“, „Џонката“ и „Вртелешката“. На концертот беа претставени оригинални носии и од градската и од селската традиција на Македонија.
Од кога постои ансамблот „Македонија“? Колку члена има? Кој го сочинува ансамблот?
ЈАНЕВСКИ: Ансамблот „Македонија“ е претставник на македонската традиционална култура и активно твори oд 2012 година, со најдобрите студенти од одделот за етнокореологија при Факултет за музичка уметност од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Насоката за традиционална музика и игра – Скопје. Ансамблот има 40 уметници – сценски презентери, секој од нив оспособен за традиционално пеење, играње, свирење и сценско-уметничка презентација.
Каков кадар работи со членовите на ансамблот?
ЈАНЕВСКИ: Единствен во државата од ваков тип, ансамблот работи со кадар – професионалци што се едуцираат низ споменатите институции. Него го раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционалните инструменти и пеење (магистри по етнокореологија, етноорганологија и етномузикологија).
Што има најчесто на репертоарот на ансамблот „Македонија“?
ЈАНЕВСКИ: Репертоарот на ансамблот „Македонија“ презентира сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: западно; југозападно; јужно; источно и северно играорно подрачје. Репертоарот на ора или традиционалното играње се презентира преку обредната и соборската традиција. Главно обележје на репертоарот на ората и на музичкиот репертоар се сценско-уметнички сегменти од традиционалната културата како на Македонците, така и на другите етноси во Македонија. Изоставена е секаква стилизирана форма, а на широката лепеза од сценски адаптации, би ги споменале и сценските адаптации на ромското, албанското, турското и на влашкото население. Ансамблот Македонија негува и презентира повеќе музички стилови на традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура, ќемане, потоа чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим и блех оркестар од тапан с`с саан, грнета (кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука). Вокалниот репертоар се интерпретира низ неколку категории негувајќи различни стилски карактеристики: традиционално едногласно, двогласно (бордунско) и тригласно пеење поделено според обредната или соборската практика, како од селската така и од градската музичка традиција.
Во тек се уписите за нови членови во ансамблот „Македонија“. Дали има талентирани деца што сакаат да ги негуваат изворната песна и изворните танци и игри во Македонија?
ЈАНЕВСКИ: Интересот за членување во ансамблот е одличен како резултат на сѐ поголемиот број талентирани и посветени средношколци, кои се запишуваат во Средното музичко училиште во насоката за традиционална музика и игра, како и студенти додипломци и постдипломци од Факултетот за музичка уметност во Штип. Со постоењето на овие институции, како и оригиналната цел и функција на ансамблот, се зголеми потребата од изучување и автентично сценско презентирање на македонските традиционални музички вредности.
На сите настапи на вакви и слични ансамбли, посебно внимание привлекуваат и носиите на играорците. Со колку носии може да се пофали Вашиот ансамбл и кои се најпретставителните? Од кои краеви имате најмногу носии и дали се подарени или сами ги шиете?
ЈАНЕВСКИ: Носиите се оригинални и со голема уметничка вредност датирајќи од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Тие се во моја лична сопственост. Во изминативе 25 години истражувам на теренот на етничка Македонија собирајќи и реставрирајќи повеќе од 8.000 елементи од облеката и повеќе од 500 комплетни носии од различни етнички предели. Ја имам најголемата колекција автентични и уникатни носии од пределите: Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др. Уникатноста на облеката на ансамблот „Македонија“ се отсликува и преку различни модни стилови како ала турка од крајот на 19 и почетокот на 20 век со турско-ориенталното влијание во културата на облекување, како и ала франга – западноевропскиот градски моден стил од почетокот на 20 век. При сценското презентирање, ансамблот настојува да изврши едукација и естетско валоризирање на традицијата на облекување покажувајќи различни социјални атрибути и реквизити и различни социјални статуси од традиционалната култура на живеење.
Имавте голема турнеја во Јапонија, потоа гостувања во Холандија, Бугарија, Германија. Кои се Вашите планови за летово? Дали од септември Ве очекува нова работна есен?
ЈАНЕВСКИ: Во летниов период активностите се одлични, следуваат две концертни турнеи во јули со натпреварувачки карактер, како учество на меѓународен фестивал во Бурса – Турција, како и десетдневна турнеја во Полска – Бели Исток. Од 29 јули до 2 август ќе го реализираме семинарот за традиционална музика и игра во Битола каде што уметниците на ансамблот се вклучени и како курсисти, но и како волонтери во организациската актива на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ – Битола. Летната активност ќе ја завршиме со тридневно гостување во Грција, по што ќе следува краток одмор за претстојниот есенски период.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ансамбл „Македонија“ одржа концерт со божикни песни во „Св. Јован Бигорски“ (галерија)
-
Ансамбл „Македонија“ ја промовираше новата концертна сезона
-
Вања Лазарова не остана рамнодушна на концертот на ансамбл „Македонија“ (фото)
-
Владимир Јаневски, колекционер на народни носии и предмети: Не собирам предмет кој нема историја и приказна