| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас попушти, пакетот мерки ги содржи барањата на Брисел

cipras-2Новиот пакет мерки кои грчката влада ги предаде на еврогрупата излегува во пресрет на барањата на меѓународните кредитори Атина да ги зголеми даноците и да ги намали државните трошоци за пензии.

Грција, за возврат очекува од кредиторите 53,5 милијарди евра кои до крајот на јуни 2018 година би ги покриле доспеаните обврски за отплата на долгови.

Тие мерки, кои вклучуваат зголемени даноци за бродските компании и укинување на даночните олеснувања за островите, треба да ги исполнат условите за новиот договор со кредиторите кои Грција би ја спасиле од банкрот и излез од еврозоната.

Владата, исто така, планира да го зголеми данокот на додадена вредност за ресторани и хотели, да почне реформи на пензискиот систем, како и да одреди цврст рок за почнување големи приватизации.

Агенцијата АП констатира дека грчката влада се согласила со барањата кои претходно одбила да ги прифати. „Ројтерс“ прецизира дека меѓу понудените мерки се итно зголемување на даноците на луксуз и воведување данок на телевизиски реклами, како и премин на нов систем на колективно преговарање до крајот на годинава.

Грчката влада, исто така, се обврзува до крајот на октомври да објави датуми кога ќе распише тендери за приватизација на железницата и на пристаништата во Солун и во Пиреја.

Исто така, ќе се преземат мерки за приватизација на регионалните аеродроми и продажба на државни акции во грчкиот телеком.

Покрај тоа, Атина нуди кратење на трошоците за одбраната. Грчки „Катимерини“ објави дека владата во Атина планира примена на пакет реформи „тешки“ 12 милијарди евра во следните две години, што е повеќе во однос на порано предвидениот износ потребни пари за неутрализирање на последиците од враќањето во рецесија по повеќемесечни тешки преговори со кредиторите.

Грчкиот парламент ќе ѝ одобри на владата мандат да преговара со кредиторите за реформи во замена за финансиска помош, изјави портпаролот на пратеничкиот клуб на СИРИЗА.

Ако европските партнери бидат задоволни, пакетот мерки на грчкиот премиер може да биде прифатен на вонредниот самит на лидерите на членките на ЕУ в недела. Во спротивно, на Грција ѝ се заканува излез од еврозоната.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top