Португалската Социјалистичка партија, која е главна опозициска сила во земјата, ја повика денеска десноцентристичката Влада да работи за брзо решавање на грчката криза, за да се избегнат погубни последици од грчкиот земјотрес за Португалија.
– Владата не уверува дека грчките потреси нема да се одразат на Португалија, но таа греши. Проширувањето на кризата ќе влијае на Португалија, како и на други држави во еврозоната – предупреди еден од портпаролите на партијата Порфириу Силва.
Според него, без разлика на резултатот од референдумот во Грција, преговорите треба да продолжат што е можно побрзо.
– Станува збор за нашите национални интереси. Уште една криза во еврозоната ќе предизвика уште повеќе економски тешкотии за државата, семејствата и компаниите поради зголемувањето на каматите на кредитирањето – предупреди Силва.
Три месеци пред парламентарните избори популарноста на португалските социјалисти бележи намалување. Според најновото истражување, за партијата се изјасниле 36,9 проценти од анкетираните, во споредба со претходните 38,1 процент. Социјалистите, сепак се уште водат според овој индикатор пред владејачката коалиција, за која би гласале 33,3 проценти од анкетираните.
Пред затворањето на гласањето на референдумот во Грција вчера португалскиот премиер Педро Пасуш Коељо повика на изнаоѓање на балансирано решение за Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.