Во рамките на тринаесеттото издание на театарскиот фестивал Актерот на Европа, којшто ќе започне во понеделник во Ресен, годинава носител на престижното истоимено признание, е култната словенечка актерка Милена Зупанчиќ, додека Гзавиер Боне и Вера Битракова се добитници на признанието Клучевите на Преспа 2015.
Преспа и оваа година традиционално од 6-ти до 11-ти јули живее во духот на фестивалот Актерот на Европа, станувајќи едно големо културно средиште во овој дел од регионот. Во уникатниот амбиент на Сарајот во Ресен, по тринаесетти пат ќе биде подигната завесата на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа. Оваа година престижното признание Актер на Европа 2015 ѝ припадна на култната актерка Милена Зупанчич од Словенија, позната на пошироките балкански и европски театарски простори.
Целта на фестивалот е да го шири европскиот дух преку културата, спојувајќи ги уметниците од различни страни на светот. Уметноста пак традиционално секоја година токму од Преспа ја испраќа пораката за мир и единство.
„Фестивалот Актерот на Европа беше покренат во 2003 година, од страна на неколку балкански и европски театарски сонувачи, во духот на мислата на Жан Моне ‘Да се гради Европа, значи да се гради мир’. По прогласувањето од страна на Европскиот парламент на митското Преспанско Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Грција и Албанија, Преспа стана нов театарски хоризонт на европеизацијата на Балканот“, рече .,,-вели м-р Ѓоко Стрезовски, градоначалник на општина Ресен, потсетувајќи кои актери осега се закитиле со престижното признание кое се доделува во рамките на фестивалот.
Почнувајќи од далечната 2003 година, кога за Актер на Европа беше прогласен легендарниот балкански актер Љуба Тадиќ од Србија, продолжувајќи со Мариус Куркински од Бугарија, Бајруш Мјаку и Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Моника Санторо од Италија, Костас Гакидас од Грција, Зијах Соколовиќ од Босна и Херцеговина, Роже Мирмон од Франција, Брус Маерс од Велика Британија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија од Хрватска, oваа година престижното признание го стекна култна актерка Милена Зупанчиќ од Словенија.,,
Фестивалот годинава донесува и ново признание кое има цел да ги признае напорите на уметниците кои го шират европскиот дух преку Преспа.
„Оваа година првпат во историјата на фестивалот воведено е и интернационалното признание Клучевите на Преспа, што фестивалот заедно со Општина Ресен го доделуваат на исклучителни научни и духовни фигури кои во својот професионален ангажман ја имаат Преспа како научен и духовен приоритет. Први добитници на ова признание се големиот француски научник Гзавиер Боне, којшто 20 години ја истражува фауната на влекачите на островот Голем Град и се смета за еден од идните Нобеловци од Европа и академик Вера Битракова Грозданова, која 40 години од својата научна дејност посвети на историските слоеви на минатото на Преспа, од антиката до денес“, рече градоначалникот Стрезовски.
Фестивалот на кој до сега учествувале повеќе од 150 претстави од речиси сите европски земји, се одржува во организација на Езеро без граници, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности, а со поддршка на Министерствот за култура на Република Македонија.
Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа е етаблиран како една од најзначајните културни манифестации во Преспанскиот регион и Република Македонија. На него досега учествувале врни имиња на домашната, регионалната и интернационаланта театарска сцена. Основач и претседател на фестивалот е истакнатиот македонски писател Јордан Плевнеш. Традиционалано секоја година во духот на културната соработка меѓу Македонија, Албанија и Грција отворањето е со обраќање кон публиката на трите јазика коишто се говорат на Преспанското Езеро, македонскиот, албанскиот и грчкиот, со што на еден симболичен начин барем за миг се бришат границите околу езерото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.