Општина Кисела Вода во текот на летово ќе го реконструира објектот на ООУ „Круме Кепески“ со цел подобрување на условите во училиштето преку примена на мерки за енергетска ефикасност. Инвестицијата е вредна 11.300.000 денари средства обезбедени од буџетот на Општината, од приватна компанија и меѓународна институција.
За замена на постојните со нови фасадни столарски и браварски елементи и замена на дел од застаклените површини, општина Кисела Вода ќе инвестира од сопствениот буџет околу 4 милиони денари. Паричните средства за изведба на фасадна топлинска изолација, во вредност од 3.800.000 денари ги обезбедува АД Цементарница Усје, како дел од нивната стратегија за општествена одговорност.
Третата фаза од обновата на објектот на училиштето опфаќа замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча, што ќе се работи во финансиско партнерство со УНДП.
Како што информираат од Општина Кисела Вода со оваа меѓународна институција имаат остварено повеќе успешни проекти на полето на енергетската ефикасност, а потпишан е и договор во вкупна вредност од 3.500.000 денари.
Градежните активности треба да завршат до почетокот на учебната година. ООУ “Круме Кепески” е изградено во 1961-та година. Во него настава посетуваат околу 700 ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.