| четврток, 6 декември 2018 |

Чикаго ја сопре серијата на Мајами од 27 победи

Чикаго булс ја сопре серијата на Мајами хит од 27 победи, откако ноќеска триумфираше со 101-97. Историјата остана недостижна за Леброн Џејмс, Двејн Вејд и соиграчите. Рекордните 33 победи во низа, на генерацијата на Лос Анџелес лејкерс, од сезоната 1971/72, го задржаа приматот како најдобро остварување во НБА.

Луол Денг со 28 поени  и Карлос Бузер со 21 поен и импресивни 17 скока, беа незадржливиот тандем крила на Чикаго и најзаслужни за запирање на победничката низа на Мајами.

Гостите се обидоа да ја продолжат авантурата што трае долго, од 3 февруари, но не им одеше. Олстар-триото Џејмс-Вејд-Бош, заедно дадоа 71 поен од вкупно 97 на гостите. Интересно е што само тие имаа двоцифрен ефект од вкупно девет кошаркари на „жешките“, кои настапија против Чикаго.

-Нашата историска мисија е да бидеме шампиони. По тоа сакаме да нѐ препознаваат. Серијата е само попатна станица до шампионскиот прстен – рече Леброн Џејмс.

LeBron James

Тој беше најефикасен на мечот со 32 поени, но трудот му падна во вода, поради мизерниот ефект на другиот дел од екипата, со исклучок на Вејд и на Бош.

На паркетот се врати и Вејд, по два натпревара пауза поради повреда, постигна 18 поени, но и тоа не беше доволно за 28. победа едноподруго. Бош забележа 21 поен. Чикаго беше многу подобар во трите клучни категории, во поени, асистенции (27-15) и скокови (43-31), па нивната победа беше логичен резултат.

Вејд

Булс, очекуваа на овој меч, на паркетот да им се врати главната ѕвезда Дерик Роуз, но тоа не се случи. Извонредниот бек не игра од октомври, лани, кога ја повреди Ахиловата тетива. Роуз се загреваше пред мечот со Мајами, а, сепак, не настапи. И без него Булс беа подобри од противникот. Сепак, за Мајами останува втората најдолга победничка серија во историјата на НБА. Ја почнаа на денот кога се играше финалето на Суперболот, а беа непоразени од 1 февруари, кога ги надигра Индијана. На 11 дуели од победничката серија, кошаркарите на Мајами успеваа да надоместат двоцифрена негатива. Овој пат такво нешто не дозволи Чикаго. По мечот нервозно реагираше Леброн Џејмс, се закачи со еден од навивачите на домаќините, но не се случи посериозен инцидент.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top