Агонијата на економскиот колапс на Грција, продолжува со несмален интензитет, без индиции дека наскоро ќе заврши, заканувајќи се со себе во амбисот да ја повлече целата европска економија. Политиката на натегање со која Грција сака да се спаси од финансиското пропаѓање, но не и да направи некои отстапки од својата политика на трошење, ја прави иднината на нашиот јужен сосед неизвесна до крај. Тоа, пак, го остава отворено прашањето како евентуалниот грчки банкрот ќе се одрази врз европската, но и врз македонската економија. Размислувањата за последиците се различни, но единствено е убедувањето на нашите монетарни власти дека банкарскиот систем е стабилен и отпорен на влијанието на грчката криза и дека парите на Македонците во грчките банки во Македонија се сигурни. Стручњаците сметаат дека можниот банкрот на Грција би имал повеќестран и различен ефект.
- Влијанието на евентуалниот банкрот на Грција врз македонската економија може да биде повеќестрано и со различни ефекти. Евентуалното воведување драхма место евро веднаш ќе доведе до девалвација на драхмата што ќе ја зголеми конкурентноста на грчката економија (ќе го поевтини извозот и ќе го поскапи увозот). Тоа би можело да предизвика одредено намалување на обемот на македонскиот извоз во Грција. Во исто време, тоа би можело да го поевтини туристичкиот престој на македонските граѓани во Грција, што би значело трошење помалку девизи на наши граѓани во таа земја – вели професорот Томе Неновски.
Според Неновски, банките со грчки основачки капитал (Стопанска банка и Алфа) се заштитени од евентуалниот колапс на земјата каде што се наоѓа базата на нивните мајки-банки.
- Стопанска банка и Алфа банка се основани според македонски закони и подлежат на правилата што се однесуваат на сите други банки во РМ. Нивниот капитал не може да се одлее во Грција или каде било на друго место надвор од РМ. Сопствениците можат да го продадат на берза својот капитал на други инвеститори, што значи капиталот останува во РМ. Според прописите, банки со странски основачки капитал можат да им одобрат кредити на своите мајки-банки (во случајов во Грција) најмногу до 10 проценти од нивниот основачки капитал. Според тоа, евентуалниот банкрот на Грција нема да има позначајно влијание врз натамошното работење на „грчките“ банки во РМ. Нивите средства се пласирани, најмногу, кај македонските економски субјекти. Граѓаните-штедачи во тие банки не треба да се плашат за своите влогови затоа што тие, преку кредити, се пласирани во македонски фирми. Најпосле, влоговите во тие банки, како и во другите банки во РМ, се осигурени според осигурителната шема на Агенцијата за осигурување штедни влогови – објаснува Неновски.
Дека македонскиот банкарски систем е стабилен, а банките со грчки капитал не се во опасност и можат да ги издржат последиците од можната криза во еврозоната потврдува и гувернерот Димитар Богов.
- Имаме подготвено и дополнителни превентивни мерки. Доколку се случи најцрното сценарио, тогаш ние би ги донеле и тие мерки. Во секој случај депонентите во македонските банки, вклучително и тие во грчка сопственост, нема зошто да се грижат. Депозитите се стабилни, тие се пласирани во македонската економија и зависат, пред сѐ, од стабилноста на нашата економија. Значи не постои причина за загриженост – уверува гувернерот Богов.
Во меѓувреме, бизнисмените будно ги следат случувањата во Грција и прават анализи како да се избегнат можните штетни последици врз македонското стопанство.
- Можните несакани последици може да бидат во делот на намалување на нарачките предвидени со потпишаните договори со Грција, но засега сѐ е сѐ уште неизвесно, бидејќи и судбината на Грција не е дефинитивно одредена – велат бизнисмените.
Инаку, постои и опцијата двете банки во земјава што се со доминантен грчки капитал, да се продадат. Стопанска банка и Алфа банка работат профитабилно и заедно држат повеќе од 20 проценти од средствата во банкарскиот сектор, но тоа не значи дека не може да се најдат на продажба, сметаат стручњаците. И од Националната банка на Грција има најави дека тоа може да се случи доколку биде постигнат таков договор со европските кредитори.
- Владата и НБРМ треба да имаат план Б. Во случај Грците да решат да ја продаваат Стопанска банка веднаш да имаат решение, тоа да се направи за еден ден затоа што во такви случаи и цената е ниска, и добиваш здрава, профитабилна банка за малку пари – смета поранешниот гувернер на НБРМ, Љубе Трпески.
Инаку податоците на НБМ покажуваат дека во првите три месеци од годинава од Грција во Македонија влегле вкупно 150.000 евра капитал. Во истиот период не е регистриран значаен одлив на средства кон земјата што е во сериозна финансиска криза. Таков правец на движење на парите е забележена и во претходните две години . Стручњаците сепак сметаат дека Народната банка треба да е особено внимателна и будно да ги следи случувањата во Грција и движењето на капиталот меѓу двете земји, иако протокот на пари е слободен.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 147. број на неделникот „Република“, 26.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.