Значително се намалува бројот на пропишани дози антибиотици во болнички и клинички услови. Резултатите од спроведената студија во клиниките и болниците во период 2011-2014 година покажуваат дека во 2011 година дневно биле пропишани 600 милиони дози антибиотици, а во 2013/2014 година 300 милиони дози.
Ова денеска го истакна Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција при Министерството за здравство, која посочи дека Клиниката за инфективни болести е една од клиниките која најмногу користи антибиотици, но резултатот бил очекуван, бидејќи во таа јавна здравствена установа се згрижуваат тешко болните пациенти.
– Најмалку антибиотици пропишала Општата болница во Гостивар, а најголемо пропишување антибиотици во општите болници има во Кавадарци, Велес, Кочани и Куманово, како и во Клиничката болница во Битола.
Таа на презентацијата на резултатите од првата европска електронска обука за рационално пропишување антибиотици во организација на Универзитетот во Стенфорд, Медицинскиот факултет Скопје и СЗО, и со поддршка на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ЦРИС „Студиорум“, и реализираните студии во врска со користење антибиотици во примарно, секундарно и терциерно здравство, рече дека сите 55 доктори успешно ја завршиле, што според неа, значи дека имаат познавање во однос на пропишувањето антибиотици.
– Обуката беше прва на европско ниво од ваков вид, а искуството од Република Македонија ќе биде искористено од СЗО за да ја прошири обуката и во други држави, додаде Бошевска.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски укажа на важноста на здравствената превенција преку едукација на здравствениот персонал со акцент на превенцијата и забавувањето на развојот на антимикробната резистенција чија појава, како што рече, се должи на нерационално користење на антибиотици.
– Континуираната едукација на здравствените работници за правилната и рационалната употреба на овие животноспасувачки лекови е добро позната и важна во овој процес. Особено сме горди што Република Македонија е лидер во промоцијата на новите методи и употребата на новите технологии и медиуми во континуираната едукација на здравствените работници, рече Андовски.
На овој начин, посочи заменик-министерот за здравство, се поставуваат нови стандарди во образованието преку индивидуализиран пристап и се потврдуваат заложбите на Министерството за здравство за постојана стручна и научна надградба и размена на искуства со најпознатите светски центри на наука во светот, како што е оваа активност на СЗО и Медицинскиот факултет за едукација на здравствените кадри во Македонија.
Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски рече дека обуката е од огромно значење за унапредување на здравјето на граѓаните.
Данило Ло Фо Вонг, програмски менаџер за контрола на антимикробната резистенција од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа истакна дека и покрај намалувањето на бројот на пропишани антибиотици и натаму треба да се работи на убедување и укажување дека понекогаш навистина нема потреба да се земаат антибиотици и треба да се воздржиме од нивно користење
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.