| четврток, 6 декември 2018 |

Од утре нова директна авиолинија Охрид – Базел

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ утре ќе биде промовиран официјалниот почеток на директниот лет до Базел. До оваа нова дестинација, авиопревозникот „Визер“ ќе оперира два пати неделно.

03122014174334_Aerodrom Ohrid

Вчера, пак, нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ од скопскиот аеродром „Александар Велики“ воведе 5 нови директни авиолинии до европските градови Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихшхафен, исто така два пати неделно.

На новите шест авиолинии, „Визер“ ќе оперира со субвенции од македонската влада, согласно договорот со Министерството за транспорт и врски.

– Со воведувањето на новите линии создаваме можност преку достапни цени на авиобилетите да се посетат најпосакуваните и најатрактивните градови во Европа. Создадовме услови и граѓаните на Македонија преку евтини билети да можат полесно да патуваат до европските метрополи во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот – рече на вчерашната промоција на летовите, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Настанот за промоција на новата авионска линија Охрид – Базел ќе се одржи утре во 18:40 часот на охридскиот аеродром, а на пречекот на првите патници ќе зборуваат Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“ и Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top