Ако Грција не биде во состојба да си ги отплатува долговите, што е сè поверојатно, тогаш досегашниот ризик со дадените гаранции за Германија и нејзините партнери од еврозоната ќе се претвори во вистинска загуба и товар за националниот буџет – но не веднаш. Покрај тоа, се закануваат и губење на довербата во еврото како валута, политичка несигурност и пазарни турбуленции, пишува „Дојче веле“ на македонски јазик.
Грчката централна банка неодамна објави хорор-сценарио во случај Грција и нејзините кредитори дефинитивно да не успеат да го надминат спорот – а сите знаци водат во таа насока. Тогаш на Грција, според нејзината Централна банка, ѝ се заканува социјална катастрофа, испаѓање од еврозоната и, на крајот, можеби и од ЕУ.
Инсолвентност на Грција во прво време би имала релативно мало влијание врз германската држава. Причината лежи во фактот дека отплатата на европските кредити за Грција исплатени преку фондот за помош ЕФСФ, од кој резултира најбитната сума за која гарантира Германија, во најголем дел ќе се одвива по 2020 година, а и тогаш само постепено.
Германскиот министер за финансии, значи, ќе мора да ги книжи тие пари во буџетот дури по повеќе години и во поединечни чекори. Затоа од министерството во Берлин велат дека штедачите и даночните обврзници не треба да се грижат и не е загрозена ни урамнотеженоста на германскиот буџет.
Колкави се германските гаранции од пакетите за помош?
При платежна неспособност на Грција прво ќе се најдат „в оган“ кредитите од двата пакета за помош, со кој европските партнери и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на владата во Атина ѝ префрлија многу повеќе од 200 милијарди евра.
Во рамките на првиот пакет за помош од 2010 година беа упатени 73 милијарди. Германскиот удел во тоа изнесува 15,2 милијарди евра. Во вториот пакет со обем од 163,6 милијарди, лавовски удел од 144,6 милјарди има токму европскиот „чадор за спас“ ЕФСФ. Досега од тој пакет се исплатени 130,9 милијарди. Германските гаранции во него изнесуваат 38,5 милијарди.
Од двата пакета вкупно произлегува сума од 53 милијарди евра за кои Германија даде гаранции. Ако кон ова се додаде и германскиот удел во кредитите што на Грција ѝ ги додели ММФ, тогаш сумата е повисока уште за една до две милијарди евра.
Од другите европски земји, според пресметките на институтот Ифо, Франција гарантира со околу 40 милијарди, Италија со 35, Шпанија – која штотуку ја надмина сопствената криза – гарантира со околу 25 милијарди евра.
Ризикот од таргет-побарувањата
Но, има и натамошни финансиски ризици. Така, емисионите банки од евросистемот откупуваа грчки државни обврзници, чијашто вредност многу би паднала во случај на банкрот на Грција. Кај тие кредити, според пресметки на стручњаци, врз основа на германскиот удел во ЕЦБ (Европската централна банка) ризикот за Германија изнесува околу 4,5 милијарди, на Франција 3,5, на Италија околу три, а на Шпанија 2,2 милијарди евра.
Ханс-Вернер Зин, претседател на институтот Ифо, одамна како ризик укажува и на таканаречените таргет-побарувања: во прекуграничните платежни текови меѓу емисионите банки во еврозоната на Грција ѝ беше одобрено пречекорување во билансот на обврските. Од тоа на Германија ѝ се заканува гарантирање за натамошни речиси 30 милијарди, на Франција за 20 и само нешто помалку на Италија.
Вкупно, значи, според експертите на Ифо, максималната можна загуба за Германија достигнува 87 милијарди евра, за Франција 66,5, за Италија 58, а за Шпанија околу 40 милијарди евра. За некоја од помалите земји, на пример за Австрија, ризикот достигнува девет милијарди.
Интересно е дека германската влада не наведува никакви бројки за можната загуба во случај на „гризлез“, за што опозицијата жестоко ѝ префрла.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.