| четврток, 6 декември 2018 |

Медалоносците од Баку на прием во АМС

ams

Бронзените каратисти од првите Европски игри во Баку, Емил Павлов и Мартин Несторовски денеска беа на прием во Агенцијата за млади и спорт. Директорот на АМС, Марјан Спасески, истакна дека е задоволен од остварувањето на двајцата медалоносци и дека Агенцијата ќе продолжи да вложува во развој на каратето.

– Каратето е во голем подем и има голем потенцијал, за што говорат и резултатите. Имено, во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вицешампиони во повеќе категории и во машка и во женска конкуренција, со што каратето, дефинитивно, е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на Првите европски олимписки игри во Баку, каде што нашите каратисти освоија два бронзени медала. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја. Емил и Мартин се носители на стипендии од Светска категорија и четири години земаат по една просечна плата на месечна основа, а Емил е носител и на највисокото спортско признание, популарната спортска пензија. По завршувањето на кариерата ќе му следува и месечен надомест во висина од една просечна плата – додаде Спасески.

Емил Павлов беше многу блиску до пласман и во финалето, но и бронзениот медал е голем успех.

– Сè уште не ми се верува како на секунда до крајот направив несфатлива грешка и го пропуштив финалето. Сепак, победив во борбата за третото место и тоа ми дава мотивација да продолжам понатаму со исто темпо. За овој резултат голема заслуга имаат психологот Ленче Алексовска и секако Агенцијата за млади и спорт, бидејќи со нејзината стипендија можам професионално да се посветам на тренинзите и подготовките – изјави освојувачот на бронзата во Баку и претходно освојувач на сребрен медал на ЕП.

Мартин Несторовски истакна дека каратистите ги исполнија очекувањата, иако беа под одереден психолошки притисок, бидејќи од нив се очекуваа медали.

– Без поддршката од АМС, МОК и Карате федерацијата немаше да го постигнеме овој резултат. Одиме понатаму кон нови успеси – рече Несторовски.

Павлов и Несторовски го осветлија македонскиот образ во Баку, како единствени освојувачи на медали од вкупно 45 наши спортисти што беа дел од Игрите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top