| четврток, 6 декември 2018 |

Апсолутна доминација на големата четворка, Вимблдон го чека новиот Хјуит

Апослутна доминација на големата тениска четворка, која ја сочинуваат Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Рафаел Надал и Енди Мареј, е присутна на Вимблдон. Единствениот гранслем-турнир на трева е најстариот од сите четири големи светски турнири и се игра од 1877 година, а денеска почнува новото издание.

Ѓоковиќ е прв фаворит, носител и актуелен бранител на круната кај мажите, додека второрангираната светска тенисерка Петра Квитова ќе ја брани титулата кај дамите.

Wimbledon Championships

Интересен податок објавија педантните аналитичари, со кој се потврдува неверојатната доминација на четирите најдобри тенисери на денешницата. Од 2002 година кога Лејтон Хјуит победи во Ол-Ингланд клубот, сите трофеи завршија во витрините на Федерер, Ѓоковиќ, Надал или на Мареј.

Швајцарскиот ас 7 пати славеше на Вимблдон, Ѓоковиќ и Надал по двапати ја освоија вредната круна, а Мареј еднаш беше победник. Последен кој не бил рангиран во топ 10, а победил на лондонскиот гранслем е Горан Иванишевиќ во 2001 година. Хрватот тогаш го приреди, веројатно, најголемото тениско чудо и со покана од организаторот како 125-рангиран на светската листа се искачи на победничкиот пиедестал.

Сличен е подвигот на Марија Шарапова во 2004 година кога „девојчето со кики“ на 17-годишна возраст ја декласира моќната Серена Вилијамс со 6-1, 6-4 во мечот за титулата.

Тие две тенисерки заедно со ланската победничка Квитова се главни фаворитки за нов трофеј на Вимблдон. Кај мажите, на големата четворка сериозно ѝ се заканува извонредниот Станислас Вавринка, кој има два гранслем-трофеи, но никогаш не победил во Лондон.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top