Понекогаш музиката на еден изведувач и не е прав показател на неговата личност. Во случајот со Масимо Савиќ, запознавањето на неговата личност и надвор од концертната сала или видеоспот, придонесе за поголеми симпатии кон него.Втората сезона на „Икс-фактор“ не донесе некој со икс-фактор, некој за кого целиот регион би се согласил дека има нешто, како што лани тоа беше победникот Даниел Кајмакоски. Но, затоа, пак, сите се пријатно изненадени од Масимо, кој како дел од жирито остави посебен печат на втората сезона.

Вие сте вистинско освежување и, барем според македонската публика, најдобрата работа што ѝ се случи на втората сезона на „Икс-фактор“. Како Вие го доживувате ова натпреварување? Дали е тоа што го очекувавте? Во кој дел уживате најмногу?
Масимо: Благодарам на комплиментите. Секогаш сум изненаден кога некој ќе ме пофали бидејќи постојано се мислам дали сум доволно добар и интересен, барем кога станува збор за мојата улога во „Икс-фактор“. Најмногу уживам во фактот дека она што ние го гледаме и го слушаме во текот на емитувањето и она што публиката го добива како впечаток е дијаметрално спротивно.
Сметате ли дека ова е вистинскиот начин за откривање нови таленти?
Масимо: Во некои случаи може и да запали. Но, јас сум некој, можеби од старомоден ков, кој смета дека вистинскиот пат е гаража, проби, проби, проби, проби, па дури потоа покажи што знаеш, имаш бенд зад себе, кој дише со тебе, чијшто звук е жив, близок, природен… „Икс-фактор“, сепак, е само ТВ-шоу што се храни со емоциите на тие што се навистина добри, а испаѓаат. Затоа што, ако исфрлите некој за кого сите очекуваат дека ќе излези, каде е тука изненадувањето, каде е тука шокот…
Пред почетокот на „Икс-фактор“ рековте дека едвај чекате да видите дали постојат луѓе што се во состојба ова шоу и сѐ што оди со него да го поднесат на вистински начин. Постои ли некој таков кандидат?
Масимо: Мислам дека тоа е Aмел, еден многу зрел и паметен кандидат. Во рамките на „Икс-фактор“ неговата личност е од големо значење. Сепак, повторувам, вистинските вредности лежат во добрите песни, кои стануваат вашата лична карта. Само тогаш можеме да зборуваме за т.н. успех.
Можеби не толку во Хрватска, каде што Вие и дел од вашите колеги сѐ уште држите некој повисок стандард што се однесува на музиката, но во останатиот дел на Балканот, реално, сцената замина во некој сосема друг правец. Каква е иднината според Вас?
Масимо: Навистина сум горд на својата земја! Хрватска е една од најсредените европски земји, што се однесува на авторските права и на правата на изведувачите. Но, колку е Хрватска добра гледате дури кога ќе ги споредите хрватските достигнувања со достигнувањата во решавање на авторските и правата на изведувачите во Србија, Македонија, Босна итн.

Колку е тешко да се изведува туѓа песна? Дали на кандидатите им е полесно вака, со познати песни или, сепак, им требаат песни според нивниот сензибилитет?
Масимо: Aко се изведува како што треба, најтешко е да се изведува композиција во која некој веќе дал свој личен печат. Често им кажувам на кандидатите, доколку се случи фантастична реакција на публиката, дека самиот квалитет на композицијата ја кренал публиката на нозе, а не само изведбата. На пример, ако Магдалена ја изведува песната „Black Velvet“, без оглед колку добро ќе ја отпее, таа песна веќе сама по себе носи извесна тежина.
Во една пригода изјавивте дека сте имале и песни во кои не сте верувале до крај, но кога во една песна ќе ја внесете целата ваша верба, таа, сепак, може да ја допре публиката. Сметате ли дека изведувачот е тој што ја прави песната?
Масимо: Постојат песни што на почетокот ме одбивале, но подоцна станаа големи хитови. Тоа е нормално бидејќи ако си нормална личност, секогаш во длабочината на мислите ти стои прашањето: дали сум доволно добар, интересен и ќе го даде ли песната резултатот што се очекува од неа.
Планирате ли наскоро повторно да дојдете во Македонија? Мислам дека на Вашиот последен концерт во Скопје Ви дадовме многу добри причини да се вратите.
Масимо: Настапите во Македонија се секогаш убави и преполни со меѓусебно разбирање. На последниот концерт во Универзална сала имав чувство дека во публиката седат мои колеги, а не публика. Мислам дека тоа е доволен показател за тоа колку Македонците го почитуваат вкусот.
Кои се Вашите следни планови?
Масимо: Освен настапите со мојата група низ регионов, на 4 јули имам многу важен концерт со Загрепската филхармонија во Ровињ, а тоа е поврзано со моите концерти низ целото крајбрежје.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 146. број на неделникот „Република“, 19.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Масимо Савиќ го исполни Антички театар во Охрид до последно место: Се резервираа и терасите од куќите над Антички
-
Концерти на отворено на Антички театар и во Хераклеа: Масимо Савиќ и Каролина во Охрид и во Битола
-
Масимо Савиќ со видеопоздрав до македонската публика
-
Масимо Савиќ мора на операција: Никогаш ништо не ме болело олку


