| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски претставници на фестивалот за млади режисери во Карловац

Македонија втора година по ред со свои претставници учествува на осмиот „Four River Film Festival“ кој од  23 јуни до 27 јуни се одржува во Карловац, Хрватска.

– На фестивалот за млади режисери и вљубеници во филмот ќе учествуваат и четворица тинејџери од Македонија – Анастасија Бошкоска, Лидија Јовановска, Софија Синадиновска и Кристијан Јанкулоски. Токму едноминутниот филм „Убиец на планетата“ на Лидија Јовановска ученичка во скопската гимназија „Георги Димитров“ ќе биде прикажан и е влезен во главната конкуренција на фестивалот во Карловац. Филмот на Лидија е навистина оригинален и поучен и преку кратки сцени и дијалози го претставува значењето на водата денес – водата како непроценлив извор на животот, соопшти Агенцијата за филм на Република Македонија.

„Џифони Македонија“ во соработка со Агенцијата на филм ќе организира и вечер „Фокус на Македонија“ на која ќе бидат прикажани три краткометражни филмови, меѓу кои „Бардо“ на Марија Апчевска, „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и „Човекот со чудна навика да ме мава со чадорот по глава“ на Вардан Тозија.

За време на фестивалот, тимот на „Џифони Македонија“ ќе одржи и две работилници – за едноминутни филмови и за фотоесеј.

– Ова е уште една можност за успешна промоција на македонската кинематографија, а истовремено е неповторлива можност за младите да научат нешто повеќе за филмот и да добијат значајно меѓународно искуство – информира Агенцијата за филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top