Комисијата за верификација на фактите досега утврди соработка со органите на државната безбедност на над 300 лица, а провери повеќе од 30.000 лица поранешни носители на јавна функција, јавна дејност или со јавни овластувања, сегашни носители на овие функции, како и кандидати за овие функци. Меѓу нив се најдоа професори, писатели, поранешни министри, политички функционери, јавни личности. Иако на почетокот сите го поддржуваа процесот, не сите по извршеното лустрирање се согласија со работата на Комисијата. Аџиев, во интервју за „Република“, истакнува дека таквите напади, пред сѐ, доаѓаат од оние кои заради политички и идеолошки побуди ги кршеле или ограничувале основните слободи и права на граѓаните, а за сметка на тоа се стекнале со привилегии за себе или за своите блиски и сега се чуствуваат засегнати.
Главната работа на Комисијата за верификација на фактите, чијашто работа беше заоснована и насочена кон утврдување на фактите, е завршена и може да се очекува заокружување на процесот на лустрација, посочува во интервјуто за „Република“ претседателот Томе Аџиев.
– Комисијата, и покрај притисоците со кои во континуитет се соочуваше од страна на противниците на процесот на лустрацијата, работеше напорно и посветено и успеа, и пред предвидениот рок, да ги исцрпи претпоставките и планирањата за својот мандат. И можам да кажам дека еден идеолошки процес кој беше очекуван од нашите граѓани за исправање на една историска неправда која некои луѓе ја правеле од политички и од идеолошки побуди на сметка на демократските и граѓанските права на лицата – жртви на тој режим и судбините на нивните семејства – е заокружен. Нашата работа слободно може да приврши во наредниот период од месец до два. Јас и членовите на Комисијата сме задоволни од тоа што го постигнавме, а постигнавме многу – оцени Аџиев.
Покрај огромните напади и отпор на процесот на лустрација од тие што застапувале, односно практикувале вредносен систем кој е веќе заменет со друг систем на вредности, тие, со мали исклучоци, останаа доминантни во институциите и во граѓанскиот сектор регрутирајќи нови војници. Затоа и нивното спротивставување и гласност против лустрацијата беше толку упорно и агресивно. Но, дека Комисијата, како државен орган, беше на правиот пат се потврди и преку односот на широката јавност кон процесот на лустрација и кон Комисијата. Специјалниот известувач на Обединетите нации за слободата на изразувањето, Френк ла Ру, пред две години токму во правец на одвивањето на нашиот процес на лустрација изјави дека лустрацијата во Република Македонија се спроведува како што треба, јавно и транспарентно и, како што кажа тој, таа е позитивен пример, добра практика.
Аџиев истакнува дека за овој процес е важно следењето на европските норми и директиви кои го пропишуваат во детали одвивањето на овој комплексен процес, како и досегашното работење на Комисијата која се движеше во тој правец и во согласност со европските стандарди.
– Како што кажав, ние во нашето досегашно постапување, освен законската регулатива на државата, ги следевме резолуциите и препораките од Европската унија, резолуциите на Парламентарното собрание на Европа и другите надлежни субјекти кои се од функција за верификација на факти. Во последните години, по донесувањето на законските измени, процесот на лустрација зеде еден поширок замав кој во својата суштина си ја одигра улогата на обелоденување на вистината, исправањето една голема неправда. За целиот процес на лустрација се важни препораките и европските стандарди – истакнува Аџиев, кој додава дека се отворени за продолжување на соработката со европските и со меѓународните институции, а базирани на позитивните практики и начела на ЕУ поврзани со овој процес.
Инаку, рамката врз која се изгради процесот на лустрација во Република Македонија беа двете резолуции на Парламентарното собрание на Советот на Европа (во 1996 и во 2006 година), но и препораките од проектот „Разоткривање на скриената историја – лустрација во земјите од Западен Балкан“ финансиран од Европската унија и од УСАИД, во кој во рамките на БТД – Балканска доверба за демократија – Проект на германскиот Маршалов фонд, ја истакнаа меѓу другото и потребата да се подготват и донесат сеопфатни закони за лустрација и дека примената треба да го вклучува не само периодот до 1990 година, туку и периодот до донесување закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
– Лустрацијата во Македонија одблежува еден историски процес. Задачата на Комисијата за верификација на фактите не беше оспорување на делата или на општествениот придонес на лустрираните, туку обелоденување на нивната соработка и напредокот во кариерата или личниот бенефит кој го имале на сметка на таквата соработка, која во најголемиот дел од посткомунистичките земји се обелодени и заврши успешно. Во овој болен процес на лустрација можеби беа најгласни оние кои беа засегнати, но треба да се има предвид дека Комисијата работи во согласност со утврдување факти и пишани документи кои се архивирани, но, од друга страна, и да го истакни тоа што е направено, да не се заборави штетата која била правена и на жртвите од овој процес, оние кои биле следени или набедувани, затворани, судени, сето поради идеолошки, политички или други причини – истакнува Аџиев кој додава дека малиот број земји што го спровеле досега овој процес, имаат обврска во согласност со европските резолуции. Искуството кажува дека на Чешка, Германија, Полска, Бугарија спроведувањето на процесот на лустрација во големо им помогна побрзо да го пребродат преминот од еден систем во друг, од еден вредносен систем во друг.
Парламентарното собрание на Европа прво во 1996 година ја донесе Резолуција 1096 од 27.06.1996 година, за мерките за напуштање на наследството на поранешните комунистички тоталитарни режими. Во 2006 година, исто така, ја донесе Резолуцијата 1481 во која на многу јасен и прецизен начин ги повика сите комунистички и посткомунистички партии во земјите-членки што досега не го направиле тоа, да направат преоценка на историјата на комунизмот и на нивното сопствено минато, јасно дистанцирајќи се од неправилностите и грешките направени од тоталитарните комунистички режими и недвосмислено осудувајќи ги.
– Овие резолуции за Република Македонија беа обврзувачки и Комисијата како орган на Република Македонија сметам дека целосно се посвети да ги примени принципите дадени во нив. Процесот на утврдување факти не беше едноставен, секој од оние за кој постоеа индиции дека остварувал некаква соработка, беше темелно проверуван, и секоја наша одлука е врз поткрепени материјални докази кои можеа транспарентно да се прочитаат и во кој јавноста имаше увид. Едно се личните мислења на лустрираните, а сосема друго нивната докажана соработка, утврдена врз факти и докази, а контролирана од три органи: Комисијата за верификација на фактите, Управниот суд и Вишиот управен суд. Сметам дека процесот на лустрација на нашето општество беше неопходен, не само поради исправање неправда кон луѓето или нивните семејства кои претрпеле штета, туку и кон идните генерации кои ќе придонесуваат кон изградбата на нашето општество. Во изминатиот период имав контакти со голем број претставници на европските тела и комисии, амбасадори и дипломати. Заедно се трудевме да го унапредиме овој процес и да произлеземе со најдобрите решенија за овој процес – вели Аџиев.
Претседателот на Комисијата додава дека неопходноста од процесот на лустрација, односно позитивен елемент од неа е тоа што без лустрација, јавноста не ги знае соработниците на полицијата и затоа лицата кои работеле во тајните служби можат да продолжат да ги злоупотребуваат информациите кои ги поседуваат за нив.
– Тие можат да уценуваат и да вршат притисок. Лустрацијата, исто така, ги прави достапни имињата на лицата (соработниците) кои можат да бидат уценувани и со тоа спречува вршење нови злоупотреби од страна на припадниците на тајната полиција. Ако овие информации се транспарентни и достапни за јавноста, тогаш не можат да се злоупотребат. Крајно, овој процес ја има и онаа хумана и цивилизациска придобивка. Односно, во едно општество не може да се гради демократска иднина без искуството од минатото – објаснува Аџиев во интервју за „Република“.
За спроведувањето на процесот на лустрација во Република Македонија значајни беа и двете резолуции на Европскиот парламент од 2009 година за европската совест и тоталитаризмот, како и Резолуцијата од 14.03.2012 година за Извештајот за напредокот за 2011 година во врска со Република Македонија (2011/2887(РСП)), најчесто е дефинирано како отстранување на опонентите на демократијата и на оние кои ги кршеле човековите права во поранешниот режим, нагласувајќи ја важноста од одржувањето во живот на спомените од минатото затоа што не може да постои помирување без вистина и сеќавање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.