– Колку е блиску сонцето! Кога Вера Вучкова на 3 април 1945 година ја кажала првата реплика во преполниот салон на Македонскиот народен театар не ни сонувала дека овие зборови ќе ù обезбедат место во мемоарите на македонската култура. Тогаш 18-годишната Вучкова ја толкува улогата на Велја во претставата „Платон Кречет“ на Украинецот Александар Корнејчук. Денес, таа достоинствено ја тера 88. година од својот живот, а умот и паметењето совршено ја служат оваа возрасна дама и актерка, која без проблем се согласи да разговара со „Република“ за првите денови на стариот театар и за тоа како се создаваше македонската театарска уметност. И објаснивме каков е концептот за текстот што ќе следува, дека ќе разговараме со повеќе актери, доајени во театарското актерство кај нас. На нашето прашање дали новиот објект ќе ја врати публиката во театарот, таа, иако во поодминати години, остроумно одговори: „Публиката ја враќаат претставите, а не зградата“, алудирајќи на репертоарот што ќе биде поставен во новиот театар. – Ова е народен театар, треба да има и битова драма, да бидат застапени и класиците, потоа драми од домашни автори, како и од странски – вели Вучкова, која, според разговорот што го водевме, забележав дека не пропушта премиера во театарот. Последна претстава што ја гледала е „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски, која неодамна имаше премиера. Но, актуелните сосотојби во македонскиот театар не беа тема на нашиот разговор. За него, во некоја друга пригода. Сега се сретнавме да разговараме за „старото време“ и за „тој театар“, до пред земјотресот. Вучкова: Треперевме од трема – За секоја годишнина на театарот ми го поставуваат истото прашање, околу првата кажана реплика во историјата на македонскиот театар. Еднаш почнав да се смеам и одговорив: дали ако некој се дави и ти ќе тргнеш да го спасиш, помислуваш на тоа дали ќе бидеш херој? – вака Вучкова ми одговори на првото прашање за тоа како се чувствувала кога пред точно 70 години ја кажала првата реплика. Потоа, почна да се присетува на тие денови, пред премиерата. – Сите треперевме од трема. Таму, кога ќе излезете надвор, не се столчиња, ами луѓе. И на секое столче седат по еден чифт очи. Најважно ни беше да не го заборавиме текстот – почнува да раскажува Вучкова. Таа дипломирала на Вишата школа за театарско искуство во Софија, Бугарија и е трета дипломирана актерка во Македонија. Економскиот факултет, кој претходно го запишала, никогаш не го завршила. Театарот бил поголема љубов од економијата. Вучкова, пред да дојде во Скопје, каде што на аудиција за „Платон Кречет“ ја повикал Илија Милчин, била дел од театарска група од Битола во која рецитирала. Скопје уште не било ослободено од германскиот окупатор, а таа била дел од групата што играла претстави пред говорите на Методија Андонов – Ченто и тоа во Ресен, Охрид, Струга и во Вевчани. – Димче Стефановски во Битола, веднаш по ослободувањето, ме викна и ми рече: ќе правиме театар. Се собравме петмина – само јас една девојка и уште четири момчиња. Пред да се ослободи Скопје, Милчин веќе почна да ја составува групата за театарот во Скопје. Му кажале дека има едно девојче што сака да рецитира и да глуми. Ме викна на аудицијата и ми даде да читам текст од весникот „Нова Македонија“. Потоа, кога се ослободи Скопје, ме викна. Дојдов само со еден куфер. Сама во Скопје, девојка на 18 години. Прво ме сместија во Влашко маало, а потоа неколку месеци спиев во една од канцелариите во театарот – се присетува Вучкова. Таа не заборава да спомене дека тогаш, во годините по ослободувањето, театарот бил центар на интелектуалците во тоа време. Поети, писатели, боеми… Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гого Ивановски, и уште за многу други театарот бил втор дом. За сите нив, актерите, немало тешка задача што треба да се сработи во театарот. Среќни дека учествуваат во работата на Македонскиот народен театар, ништо не им било тешко. – На работа одевме со големо задоволство. Не постоеше задача што не можевме да ја извршиме. Нам театарот многу ни значеше, иако немавме многу. Всушност, немавме ништо. За првата претстава сценографијата ја зедовме на заем од театар во Софија. За костимите, сами се снаоѓавме, кој како може – вели Вучкова. Секој што има дома повозрасен во семејството, барем еднаш чул од него дека вистинска мода, по последен терк, се „терала“ за одењето в театар. Иако само што било ослободено Скопје, се внимавало кој како ќе се облече, посебно за премиерите. Додека разговаравме, Вучкова се присети на еден настан на кој била сведок. Една госпоѓа инсистирала да купи билет бидејќи имала нов фустан, посебно купен од Париз, токму за премиерата во театарот. Но, на благајната ù рекле дека сите карти се продадени. Госпоѓата разочарано си заминала. Џундева: Секој актер сака да застане на новата сцена Со актерката Љупка Џундева се сретнавме во нејзиниот дом во скопската населба Тафталиџе. Во собата преполна со книги, фотографии, актерката со многу емоции патуваше низ сеќавањата. Белата гулабица (како што тие го викале театарот) чува многу убави спомени, величествени моменти… – Театарот ù припаѓа на публиката. Со новата зграда и ние актерите ќе си го земеме местото што ни припаѓа. Си викам да ме служи здравјето барем да го видам театарот, да влезам внатре – ни рече Џундева. Таа смета дека на новата зграда ù недостига простор околу неа. Свесна е дека едни ќе се восхитуваат на новиот театар, други ќе критикуваат. Но, вели, нема да има актер, без разлика какво мислење има за зградата, што нема да сака да застане на сцената на новиот театар. Ќе нема режисер, без разлика дали сега го критикува театарот, кој нема да сака да работи во него, секој драмски писател ќе сака неговото дело да се стави на сцената на тој театар. Вели, овој нов театар не е само на Скопје. Тој е на цела Македонија. – Театарот за мене е храм, светлина. Сцената ни е олтар. Кога јас влегов во театарот сè ми беше убаво. Имаше некаква светлина, која дотогаш ја немав почувствувано, освен од природата, која ја обожувам. Тогаш, во една генерација на студии примаа само по неколкумина. Кога почна школата со работа имавме пропусници. Професорите ни беа актери и режисери. Јас сум од втората класа на Милчин. Часови ни држеше и Крум Стојанов. Сите тие проби и претстави, гостувањата што доаѓаа, не само драми, туку и опери… беше фантастично. Доколку имаше место седевме во ложа. Предност имаа постарите. Ако немаше место, одевме во галерија. Ложите беа со црвено кадифе, подот беше црвен, столовите, исто така. Имаше едни огромни огледала обложени со седеф, едни убави лустери… Тоа даваше едно поинакво чувство, кое те воздига. По часовите доаѓавме на претстави. Имаше ред. Студентите чекаа пред врата откако ќе влезе публиката за вратарот Чаче да ги пушти доколку има место. И гремиорните беа црвени. Црвени столови, огледала наоколу обложени со црвено, црвени фиоки. Седевме четири во гремиорна. Паметам Мери Бошкова седеше во гремиорна сама. Цветанка Јакимовска, Добрила Пуцкова –Пуци, Милица Стојанова и јас седевме заедно во една гремиорна… Знаете ли што значеше да те примаат, да застанеш на сцена покрај тогаш големите великани, големи актерски имиња. Инаку во школата со Милица, Ацо Јовановски, Драги Крстевски – Амфи, Дарко Дамевски знаевме да се шегуваме. Ацо, Амфи и Драги Костовски знаеја да направат атмосфера. Во 1948 година влегов во школата на 14 години, во 1951 година бев примена во театарот – се присетува една од легендите на македонскиот театар. „Ужалена фамилија“ од Нушиќ, во режија на Прличко, е првата претстава што Џундева ја играла на сцената на стариот театар. Го толкувала ликот на Даница. Вели, имала многу трема. Во следните претстави чувството на сигурност се зголемува. Но, вели, секоја улога е нов предизвик. Потоа доаѓа улогата Анка во „Госпоѓа Министерка“ во режија на Ќостаров, заедно со прекрасната Мери Бошкова која ја играла министерката. Се редат големи улоги, Силвија, Марија… Награда за актерот е аплаузот. Иако сите улоги ù се драги, има две улоги што ù помогнале да се ослободи од наивките – улогите во „Големиот нож“ на Крум Стојанов и во „Крвавите свадби“ од Лорка. – Сакав кога ќе заврши пробата, на пауза, кога е убаво времето да излеземе надвор. Излегувавме од задниот дел покрај Вардар и си го гледавме дрвеното мовче. Сите ние жалиме за тоа дрвено мовче. Имаше некоја убавина во него. Паметам дека понекогаш некоја штица ќе се мрднеше, скршеше и моравме да ја прескокнеме. Тоа чувство предизвикуваше и страв да не паднеш, но имаше своја убавина – раскажува Џундева. Таа се присетува и на периодот кога дошол крајот на стариот театар. За време на земјотресот била во Скопје, живеела кај Универзална сала. – Бев на породилно, моето дете имаше само 40 дена. Само знам дека ѕидовите ми се отвораа и затвораа. Не знам како се симнав по скали со детето в раце. Кога излегов на улица на урнатините од зградата пред мене стоеше дете и плачеше. Не знам како тоа дете застанало на урнатините. Попладнето во ношница со бебе в раце одев по улиците и сите прашуваа дали е живо детето. Се качив и отидов во Гевгелија, а од таму во Охрид, каде што беше моето прво дете. Тоа не знаеше дали родителите му се живи. Се вратив во Скопје и се вклучив во претставите што ги правевме на импровизирани сцени во паркови. Таа и денес е редовна на театарските претстави. Редовно ги следи претставите. Последната претстава што ја гледала е „Изгубените Германци“. Нејзината порака е да се внимава на јазикот на сцена. Смета дека се загуби убавиот македонски збор. Вели, професорите велеле дека не се вика, зборувај нормално, разговетно, да те чуе и тој во последниот ред . Стојанова: Зграда од бајките Оваа актерка ужива да зборува за годините кога животот, главно, ù поминувал на дрвените штици на стариот театар. Милица Стојанова е од втората генерација на училиштето за глума, кое било сместено во поткровјето на театарот. Професор ù бил Васил Иљовски, кој често знаел да каже дека нема да имаат часови. Ќе се симнат да гледаат проба. Првата улога на оваа сцена ù е печалбари на Милчин. „Можам, можам бачо Константин, можам да носам вар и тули“, ова е првата реплика на Стојанова на оваа сцена. Потоа следува улогата на Фафи. Во 1953 година влегла во овој театар и останала таму до земјотресот. Добивала машки улоги, на што колегите ù биле и љубоморни. Стојанова нè пречека во својот дом, а на телевизорот имаше пуштено снимка од нејзино интервју во кое говори за стариот театар. Насмеана, расположена за кажување на репликите од претставите на кои многу добро се сеќава, подготвена да запее некој стих од театарските дела… Вели, театарот бил како од бајките, а претставата почнувала од фоајето, со огледалата и црвената чоја… – Театарот секогаш беше полн. Од претпријатијата носеа писма за колективно да дојдат во театарот. На дрвеното мовче луѓето чекаа ред. Се сакаше театарот. Јас затеков многу сериозен театар. Имав од кого да учам и сакав да учам. Тука беа великаните. Се воспитувавме на статирање. Постоеше голема дисциплина, почит кон публиката, која секогаш возвраќаше. Немаше импровизации и уличен јазик. Мојот професор еднаш ми се јави и му рече: „ Милице, прочитав интервју во кое велиш дека ја качивме улицата на сцена, ќе го искористам тоа“. Ми беше чест. Тогаш многу полагавме на јазикот. Се негуваше јазикот. Јас сум од Крива Паланка, но кога дојдов имав од кого да го научам јазикот – раскажува Милица Стојанова. Таа се потсетува дека постоела режисерска ложа. Секоја вечер режисерот на претставата што се играла седел во ложа: – Знам, еднаш Добрила Чабриќ го лепела носот нагоре, а јас не сум ја видела. На претстава ми вика „ Да Фафи, да Фафи, а од носот нешто лета, лета, лета… Почнав да се смеам. Тоа е хистерија, не смеа. Ја завршив репликата, излегов од сцена, седнав на земја и … камен Јано. Дојде шокот… Ги гледам чевлите на Милчин, кој беше режисер. Го кревам погледот, а тој ми вика „Вагабонту, уште еднаш ако го направиш ова ќе ти ја одземам улогата“. Какво смеење потоа… не ми текна. Баба ми ме воспитуваше. Таа велеше: Или работи го како што треба или остави друг даго сработи. Не давав друг да го сработи тоа што мене ми е дадено – ни раскажува актерката зад чиешто име се запишани многу улоги. Се присетува и на Петре Прличко. Вели тој пред да излезе на сцена шетал од еден крај на друг со рацете на половина и никој не смеел да му прозбори. Во слободно време имало многу другарување. Тука биле драмата, оркестарот, операта, балетот… Сите се дружеле. Се присетува и на одличните костими што ги изработувале Рада Малкиќ и Јелена Патрногиќ, Мира Глишиќ: – Имаше гардероберки, кои секое утро ги средуваа костимите. Реквизитерот, сценски работник, беше одличен човек. Ја игравме „Манде“, ја глумев Кате… Завршив со сцената, која имаше многу трчање и скокање. А, тој ме чека со шише вода, сум била испотена, да се напијам вода… си верувавме еден на друг… Тоа е голема работа. Со Ацо Јовановски не зборувавме со години. Не се каравме, но, едноставно, не разговараме. Сепак, најубавите улоги ги одиграв со него. Разговаравме преку ликовите, се обраќавме со имињата од улогите. Приватните односи остануваа надвор… Ја навративме Стојанова на лошите спомени од поплавата и од земјотресот. Се присетува кога требало да ја играат „Пигмалион“, а се случила ужасната поплава, кога сите трчале по подрумите да ги спасат нотите, да спасат сè што можат: – Не се одеше по Скопје, шлапкавме по вода. Но, не се откажавме од претставата. Ја одигравме во Куманово. Потоа имавме голема турнеја со оваа претстава низ Србија. За земјотресот беше трауматично искуство. Бев кај сестра ми, собата како да менуваше форми, вратата не се отвораше. Кога излегов на тераса видов како пропаѓа Официрскиот дом. Викнав: загина народ. Почна прав, писоци, викотници… се бараа дали се живи. На радио јавија актерите да дојдат пред театар. Се сретнавме таму и запишувавме дали имаме жртви, оштетени, каде се луѓето. Потоа отидовме во Сарај каде што ја подготвивме „Сомнително лице“. Не се откажавме… Нè сместија во шатори во балетската школа и потоа тргнавме на убава турнеја низ Југославија, два месеца, со „Сомнително лице“, „Крвавите свадби“ на Лорка „Црнила“ и „Покојник“. Со уривањето на зградата ми почина најмилото, најдрагото… Преубав беше, премногу спомени… Се сеќавам на премиерата на „Ана Франк“, за поклонот на крај чика Тоша рече пуштете ја сама. Бев збунета, излегов, се поклонувам и цел салон го скандираше моето име. До денеска постои таа возбуда. Стојанова ги нагласува многуте гостувања со театарот, како и гостувањата на другите театри, кои како гости настапувале на сцената на стариот театар. Попов: Имаше редици за влезници Многумина го препознаваат по легендарната реклама „Внучко, да му веруваш на дедо“. Но, постарите генерации Кирил Попов го паметат по неговите улоги, пред сè, на сцената на стариот театар. Неговата кариера почнува во велешката гимназија, веднаш по ослободувањето. Тогаш читал одредени критички осврти, по што решиле да направат театар. Потоа доаѓаа на Филолошки факултет во Скопје. Правел претстава во велешкиот театар, на која му дошле Димитар Солев, Матеја Матевски… Се отворила Академија за театар во Белград, заминал таму. По враќањето, Петре Прличко и Димитар Ќостаров како директор на театарот го зеле како секретар–драматург. – Кај мене доаѓаа младите актери да се жалат еден од друг, да кажат што им пречи. Но, желбата ми беше да бидам актер. Желбата ми се исполни. Тој театар многу значеше. Корзото беше тука, од Железничка станица до Офицeрски дом, тука се шеташе додека да дојде време за театар. Секогаш беше полн. Малото дрвено мовче водеше до театарот. Кога ќе видев дека се наредил народ за да купи карти бегав преку Камени мост, за да не ми бараат карти за претставата. Тешко се доаѓаше до карта, ме бараа за карти. Имаше сезонски билети. Се одеше секоја вечер и за опера и за балет и за претстава. Јас имав своја ложа да одбележувам како се играат претставите. Имаше претстави секој ден, само понеделник не. Инаку, опера, претстава, балет… секогаш имаше нешто – вели Попов. Најдрагиот лик што го одиграл на сцената е Дорн во претставата „Галеб“ на Чехов во 1960 година. Играл во многу комедии… Играл во „Млади синови“, прва драма реализирана на телевизија. Поминувал многу време во театарот: – Жена ми најдобро знае колку време ме немаше. Се враќав и ја начекував како везе гоблени чекајќи ме да се вратам од претстава. Се задржувавме во бифе. Имаше многу дружење, и покрај суетата на уметниците. Се собиравме и по дома. Одевме, гостувавме низ цела Југославија, па и низ другите земји… Имавме одлична сценографија. Василиј Поповиќ – Цицо, Томе Владимирски и Бранко Костовски се грижеа за изгледот на сцената. Цицо почина многу млад. Беше вистински уметник и одличен човек. Се присетува на претставите на импровизираната сцена во паркот во Сарај веднаш по земјотресот. Вели зградата не беше урната, но имаше пукнатини, поради што беше ризично да се користи објектот. – Што се случи со вредните работи во театарот не знам. Се зборуваше дека луѓе однеле дома фигури. Не знам каде отидоа тие вредни работи – додава Попов. Првите актери вработени во театарот Илија Милчин, Петре Прличко, Мирко Стефановски, Крум Стојанов, Благој Црвенков и Трајко Чоревски се првите актери вработени во овој театар. Се вработиле на 31 јануари 1945 година. Потоа се Тома Кировски, Деса Прличкова, Илија Џувaлeковски… Музеј на македонската култура и уметност Вљубениците во театарската уметност со нетрпение чекаат да се крене црвената драперија, да закрцкаат штиците, да седнат во ложите, да зашушкаат тоалетите на дамите, а господата во смокинзи и свечени костуми да дојдат на театарска премиера. Да го почувствуваат духот на „тој, стариот театар“ во Скопје, кој се урнал во катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Токму затоа и новиот театарски храм се изгради врз темелите на стариот театар од пред земјотресот. Тој со своите содржини ќе претставува и музеј на македонската уметност и културно наследство. Преку темите на орнаментиката, кои ќе ги красат ложите во внатрешноста, ќе биде претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите ќе можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Во самиот објект, односно на партерот, ќе има застаклен дел преку кој ќе можат да се видат темелите од стариот театар. – Импресивен момент во театарот е и централната скулптурална композиција на петте основоположници на македонскиот театар – Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Јордан Хаџи Константинов -Џинот и Васил Иљоски, која ќе биде поставена во фоајето на театарот. Нив ги изработи реномираниот македонски скулптор Александар Ивановски – Карадаре. Што се однесува до орнаментиката, пак, таа содржи околу 70 мотиви нацртани во дефинирани полиња во галериите и во ложите, а дел од нив се мозаикот од Хераклеја од 6 век, царските двери од црквата „Св. Спас“ во Скопје, земскиот грб на Република Македонија од 16 век, детали од теракотна икона од Виница (5 и 6 век), но и маски, релјефи, менади, музи, претстава на скомрахи… – велат од Министерството за култура. Стариот театар е изграден на вкупна површина од 7.200 квадратни метри, а аудиториумот ќе биде поделен на голема сала со партер и на две галерии со вкупно 724 седишта и мала сала со 213 седишта. Опремата, акустиката и сцената ќе бидат според најсовремените модерни технологии. Сценската технологија и сценската механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Големата сцена е со 15 мали и со две големи платформи. Страничната сцена има шест движечки платформи, како и внатрешна сцена со ротирачка платформа. Однадвор театарот ќе го задржи својот автентичен изглед, а ќе има посебно осветлување на партерот, како и на целиот објект, со што ќе се истакнат неговите визури. На фасадата на објектот се поставени 46 скулптури, кои се високи по 2,20 метри, и на кои работеа повеќе уметници, меѓу кои Жарко Башевски, Гоце Наневски, Исмет Рамичевиќ, Ибрахим Беди, Зоран Тошевски. Скулптурите се вклопуваат во естетската целина со зададениот архитектонски простор и ја доловуваат атмосферата на драмата, комедијата и на трагедијата, како и човечки претстави, кои со својата појава упатуваат на содржините на театарот, литературата, музиката и на уметноста воопшто. Пишуваат: Билјана Зафирова Александра Мазнева – Бундалевска Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Актерка Милица Стојанова ја доби наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија