Луѓето јадат сладолед додека шетаат меѓу оружје кое може да уништи цел еден континент, во новоотворениот воен парк во близина на Москва, вели во репортажата американската телевизија CNN.
Десетици илјади воени единици го исполнуваат паркот полн со најновото руско воено оружје, каде има хеликоптери, ракети, тенкови, бродови, подморници и друго. Паркот, навистина, наликува на вистински воен руски Дизниленд. Според репортерот на CNN, сега патриотизмот е во мода во земјата, а Владимир Путин, претседателот на Русија, го отвори воениот парк или Патриотскиот парк со цел да ја популаризира и да ја врати старата слика на Русија како светска воена сила. Посетители, најмногу, се цели семејства. Еден татко го донел својот син да го види сето тоа оружје и како што рекол, да види дека Русија е воена сила.
-Сакам мојот син тоа да го научи, вели таткото.
Во целиот парк духот на патриотизмот може дури и да се допре, а луѓето на себе имаат маички со ликот на Владимир Путин. Во паркот има и продавници каде може да се купи воена облека, и тоа многу модерна, а сето тоа војската да се покаже како модерна работа и на тој начин да се допре до младите. Тоа, се чини, и им успева. Децата уживаат во игрите на тенковите како да се на некоја обична забава. А, сепак, се коментира, има нешто дрско во сето тоа затоа што не може да се избегне фактот дека се наоѓате меѓу средства за убивање покрај кои се шета како покрај играчки во забавен парк. Паркот го посетиле и службеници на морнарицата на Саудиска Арабија, кои на новинарот му кажале дека оружјето главно го купуваат од САД, но дека се заинтересирани за иновациите кои може да ги понуди Русија. Присутни биле и воени лица од Мјанмар и Венецуела.
Се очекува во паркот да бидат исложени и оружја кои имале значајна улога во клучни советски и руски битки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.