Косовскиот премиер Иса Мустафа соопшти дека побарал од словенечкиот колега Миро Церар да се забрза враќањето во Косово на некогашниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен премиер, Рамуш Харадинај, кој вчера беше уапсен во Љубљана по меѓународна потерница издадена од Србија во 2004 година.
Според Мустафа, нема причини Харадинај, кој се враќал од официјална посета на Германија, да биде повеќе задржуван.
Словенечкиот министер за надворешни работи, Карл Ерјавец, изрази уверување дека компетентните органи брзо ќе го решат случајот, нагласувајќи дека нема причини за одложување.
На барање на партијата Алијанса за иднина на Косово, чијшто лидер е Харадинај, косовскиот парламент денеска свика вонредна седница во врска со неговото задржување, на која пратениците изразија загриженост за случајот. Парламентот ја повика Владата да упати протестна нота до Словенија.
Харадинај претходно телефонски изјави дека пасошот му е задржан до завршување на правните процедури, но дека тој е слободен да се движи во границите на Словенија.
Според словенечките медиуми, локалните правосудни органи вршат проверка на српското барање за апсење на Харадинај и чекаат евентуално барање од Србија за негова екстрадиција. Судот во Крањ, каде што е отворен случајот, соопшти дека сѐ уште нема добиено официјална реакција од Србија.
Љубљана и Приштина имаат добри дипломатски и економски односи, а Словенија е еден од најголемите инвеститори во Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации