Стотици жители на Тбилиси, протестираа во центарот на главниот град на Грузија, по трагичниот инцидент, што се случи вчера, кога еден бел тигар побегнат од локалната Зоолошка градина разурната по катастрофалната поплава, нападна неколкумина градежни работници во една напуштена фабрика.
Еден од работнците кои работеле на преуредувањето на објектот, беше усмртен од големото диво животно, додека друг беше повреден.
Демонстрантите ги обвинуваат локалните власти и Владата за „неуспехот да обезбедат безбедност во градот“ по поплавата од неделата, кога надојдените води на реката Вере ја уништија Зоолошката градина, по што стотици диви животни побегнаа и талкаа низ градските улици и парковите.
Властите, заедно со вработените од Зоолошката градина, покрена широка операција за откривање и фаќање на животните и најголемиот дел од нив беа собрани и одново ставени на чување.
Револтот на луѓето, за смртта на несреќниот работник, настана затоа што властите, објавија дека „улиците на Тбилиси се безбедни“ и дека сите избегани диви животни се фатени.
Сега се дознава дека не еден, туку два бели тигра се криеле во напуштената фабрика, а дека се уште не се знае дали се преброени сите животни, кои пред поплавата биле во своите кафези, било да се удавени во надојдените води, било да се вратени во кафези на друга локација.
Претставник на Зоолошката градина призна дека се стравува оти дел од животните, сепак успеале да побегнат кон околните ридови и шуми околу Тбилиси, што значи дека се уште постои заканата по безбедноста на луѓето од градот и неговата околина.
Вкупно 19 лица загинаа во поплавите, меѓу кои и тројца од чуварите во Зоолошката градина. Шестмина други се уште се водат како исчезнати, а повеќе од 40 семејства останаа без своите домови.
Зоолошката градина во Тбилиси е единствата во Грузија. Таа е изградена во 1927 година и тогаш била на периферијата на градот, но сега се наоѓа во неговиот центрател дел. По поплавата во шеесетите години на 20 век, бил направен план за нејзино преселување на друга локација, но ниту тогаш, а ниту сега, нема пари за една таква операција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.