Во канцеларијата на општинската организација на Црвен Крст во Куманово, децата до 15 години од населбата Тоде Мендол, каде на 9 и 10 мај имаше вооружени дејствија ќе добиваат психолошка помош.
Психолози од Гешталт институт од Скопје со нив ќе работат два пати неделно во наредните два месеци. Заинтересираните треба да се пријават во месната заедница во населбата или во Црвен Крст. Психологот Јана Величковска објаснува дека децата се многу ранливи на воени конфликти и кај нив се јавуваат трауми и фобии.
-Ќе им ја понудиме нашата психолошка помош и поддршка и на нивните семејства. Ќе бидеме тука за сите нивни проблеми, за се она што им е потребно. Децата овие настани најтрагично ги доживуваат, а ние како возрасни имаме механизми со кои се справуваме со сите овие ситуации. Многу често од вакви ситуации излегуваат со трауми, стравови кои ќе им се рефлектираат во нивното понатамошно живеење, истакна Величковска.
Терапијата ќе биде во вторник од 17 до 19 часот и во петок од 14 до 16 часот.
-Два месеци сигурно ќе работиме за да им помогнеме на оние на кои тоа навистина им е потребно. Ова е за категорија до 15 години, но ќе доаѓаат можеби и цели семејства, истакна Иле Митковски, секретар во Црвен Крст Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.