Капитенот на „црвените ѓаволи“, Винсент Компани, вечерва ќе игра против Македонија во квалификацискиот дуел на „Крал Бодуен“ во Брисел, а, очигледно, веќе е со мислите во Бразил, на Светското првенство во 2014 година.
– Не сме биле светски прваци. Нѐ вклучуваат во потенцијалните фаворити, а ние ветуваме дека ќе се обидеме – вели Компани. Белгија е лидер во нашата А група со 13 бода, колку што има и Хрватска, но сѐ уште е далеку од Бразил и од следниот мундијал. Според стручњаците, Белгија е меѓу петте најдобри европски селекции и може да се вклучи во битка за висок пласман. Следна пречка на патот до Бразил им е Македонија, вечерва од 20,45 часот. Ние си имаме свои сметки, а селекторот Чедомир Јаневски и нашите репрезентативци не се предаваат и се надеваат дека ќе одиграме подобро од Скопје. Во петокот, по наши грешки загубивме со 0-2, иако бевме рамноправни, а имавме и неколку зрели шанси да ја изненадиме Белгија.
– Треба да ја задржиме концентрацијата на високо ниво и да ги сведеме грешките на минимум. Ако одиграме храбро, дисциплинирано и со максимална концентрација, можеме да ѝ се спротивставиме на Белгија. не беа подобри од нас во Скопје, само ги искористија нашите грешки и нѐ победија – вели Јаневски.
Вечерва ќе биде потешко, на националната арена „Крал Бодуен“, против нас ќе бидат и жешките белгиски навивачи, а ќе ги има околу 40.000. Јаневски најави промени во тимот. На две е принуден поради жолтите картони на Грнчаров и на Демири. Како стопер, место Грнчаров, веројатно, ќе игра Ванче Шиков, а Никола Глигоров ќе го замени Демири. Речиси е сигурно дека на десната бековска позиција ќе стартува Даниел Георгиевски, место Тодоровски, а замена за Ферхан Хасани во маневарот би требало да биде Дарко Тасевски. Промени најавува и белгискиот селектор Марк Вилмотс. Според најавите од белгиските медиуми, можно е неколку нови играчи, во однос на скопскиот натпревар, да истрчаат вечерва во Брисел. Компани ќе игра место Ван Бајтен, а се бара место за Миралас и за Чадли, со цел Белгија да игра поофанзивно.
Можни состави: Македонија (4-2-3-1) Пачоски – Георгиевски, Шиков, Новески, Лазевски – Глигоров, Тасевски – Ибраими, Пандев, Тричковски – Јаховиќ(Ивановски). Селектор: Јаневски
Белгија (4-1-4-1) Куртоа – Алдервиерлд, Компани, Фермален, Фертонген – Витсел – Азар, Чадли, Миралас, Де Бруин – Бентеке. Селектор: Вилмотс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


