Министерот за финансии на Исланд најави воведување на посебен данок од 39 отсто со кој ќе се даночат парите кои штедачите сакаат да ги повлечат од банките и да ги префрлат во странство.
Исланд на ваков чекор се одлучи бидејќи сакаат да го спречат одливот на пари од своите банки, поради намалување на строгите банкарски правила воведени пред шест години, пишува британскиот весник Индепендент.
Освен тоа, овозможија на директорите на банките да им се суди како на кримиалци, за разлика од САД и Европа, каде банките добија парични казни поради неправилност во работата, додека нивните директори се извлекоа неказнето.
Банкарите добија до пет години затвор
На пример, извршниот директор, претседателот, директорот на луксембуршката подружница и вториот најголем акционер на исландската Кауптхинг банка во февруари оваа година се осудени на четири до пет години затвор.
Додека многу Влади во светот пружија помош на банките и ги санираа со пари од даночните обврзници, Исланд се одлучи на поинаков пристап. Обезбедија само пари на домашните сопственици на банкарските сметки и ги ограничија исплатите.
Иако, како и речиси сите други земји, Исланд претрпе тежок удар поради финансиската криза, денес е на пат на зајакнување, а како што признава и ММФ, јакнењето е постигнато без загрозување на јавниот систем на здравството и образованието. Стапката на невработеност падна на само 4 отсто, со што Исланд е меѓу најуспешните земји според тој критериум.
Наместо одржување на вештачка вредност на локалната валута, ја прифатија инфлацијата. Тоа ги покачи цените на домашниот пазар, но и помогна во јакнење на извозот.
Исланд беше прва земја во Европа која беше погодена од финансиската криза, но исто така и прва чија економија се врати на нивото пред кризата.
Стопанскиот раст лани успори, но се очекува дека оваа и идната година да достигне 3 отсто, благодарение на силната домашна побарувачка и туризмот.
Инфлацијата моментално е на 0,8 отсто, што е под целната од 2,5 отсто, но оваа година се очекува реален раст на платите од околу 6 отсто.
Јавните финансии исто така се во солидна состојба, па буџетот за прв пат во седум години имаше суфицит, т.е. вишок од 1,8 отсто од БДП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.