| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува десеттото издание на „Баскерфест“

Годинашното десетто, јубилејно издание на „Баскерфест“ со одлична баскер програма надополнета со музика ќе ја забавува публиката во цела Македонија. Во Скопје официјалниот почеток е на 12 јуни, петок, и ќе трае до 21 јуни. Оваа година фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“.

На фестивалот за време на викендите ќе има две бини, а во работните денови три, каде што уличните уметници ќе ги изведуваат своите точки во текот на денот, а во вечерните часови на истото место се планирани настапи на повеќе музички групи од странство и од земјава.

– Фестивалот во Скопје е под покровителство на Град Скопје и го поддржуваме со 900. 000 денари. За оваа година најавено е учество на околу 100 баскер изведувачи од целиот свет, секој од нив атрактивен на свој начин, а покрај уличните артисти, како и секоја година тука се музичките настапи во Пивската градина. Жонглери, брејкденсери, куклен театар, одење по жица и перформанси со оган се само дел од програмата на годинешниов театар на отворено Баскерфест 2015. Со текот на овие 10 години, овој фестивал, кој го организира „Темов“, стана препознатлив бренд за нашиот главен град и еден од најуспешните културно забавни проекти поддржани од Град Скопје. Ги повикувам граѓаните на дојдат и да се забавуват на отворено – изјави градоначалникот Трајановски.

Годинава новитет е тоа што за првпат секојдневно ќе има и детска креативна работилница каде што најмладите посетители ќе имаат можност да се дружат со баскер изведувачите, да се едуцираат, но и да уживаат во малите слатки задоволства кои ги подготвивме само за нив.

Пане Темов по повод 10 роденден најави голем број изненадувања за присутните и артисти од Чиле, САД, Куба, Албанија Србија, односно учесници од 23 земји, а Тина Мицковска ги повика граѓаните да дојдат и да ги посетат детските креативни работилници, настапите на артистите од 18 до 22 часот, како и Пивската градина којашто нуди забава до еден часот по полноќ во текот на неделата, а до два часот по полноќ за време на викендите.

Катерина-Хаџи Ангелеска, претставник од „Пивара Скопје“, истакна дека „скопско“ и кока-кола“ се неразделив дел од сите урбани случувања во градов и ги поддржуваат настаните коишто се со интересна и едукативна содржина каква што има „Баскерфет“.

„Баскерфест“ годинава ќе се одржува и низ 14 града во Македонија. Секој град барем неколку денa ќе има можност да ја доживее магијата на уличната уметност.

„Баскерфест 2015“ започнува в петок, 12 јуни, а ќе трае до 13 јули, односно точно еден месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top