Мерките и активностите насочени кон минимизирање на негативните последици од неодамнешните случувања во Куманово вродија плод, иницијалниот тренд на откажувања на аранжмани за летувања на охридско-струшката ривиера е надминат, а туристичките субјекти активностите ги насочуваат кон што подобра реализација на престојната главна туристичка сезона.
Тоа се дел од заклучоците на денешниот работен појадок што општинскиот Сектор за туризам и локален економски развој од Охрид го организираше со надлежните субјекти од областа на туризмот, менаџерите на сместувачките капацитети, туристичките агенции и тур-операторите од Охрид и Струга.
– Според информациите од МНР и нашите конзуларни претставништва во странство, сликата за Македонија се стабилизира, а државите што имаа повик до граѓаните да не патуваат во Македонија веќе ги тргнаа таквите прогласи. Активностите што локалната самоуправа и државните институции ги спроведоа за креирање подобра слика за безбедносната состојба во земјата вродија со плод- изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Статистичките податоци од туристичките субјекти, според него, укажуваат дека нема откажувања на туристичките аранжмани или тие се минимални, така што очекувањата се дека оваа сезона ќе биде во рамките на проектираното односно дека ќе биде најуспешната споредено со изминатите години.
Во прилог на таквите очекувања оди и податокот што оваа сезона стартуваат и двете нови нискобуџетни авионски линии до охридскиот аеродром од Лондон и Базел.
– Ние како локална самоуправа постојано сме посветени на омасовување на промотивни и сите оние активности што можат да ја збогатат туристичката понуда и да донесат поголем број гости. Тоа полека, но сигурно дава резултати. Бројот гости што доаѓаат во Охрид е се поголем, а истовремено се проширува листата држави од каде доаѓаат туристи- истакна Бакрачески, кој смета дека оваа сезона ќе биде рекордна според бројот странски гости што го посетиле Охрид.
Тур-операторите најавуваат реализација на планираните ноќевања предвидени пред сезоната.
– Ние како оператор што го работи пазарот во Данска, немавме никакви откажувања, дури имаме и зголемување на бројот на резервации. Останува нашата задача да ги услужиме гостите како што треба и да работиме на елиминирање на сите евентуални аномалии што се јавуваат тековно- изјави Олег Маленко, менаџер на охридскиот тур-оператор „Вис-Пој“.
Потврда на очекувањата за успешна сезона е и последната информација од „Фибула Травел“, македонскиот партнер на тур-операторот „Корендон Интернационал“ од земјите на Бенелукс, за продолжување на договорите скучени со хотелиерите од Охридско-струшката ривиера за закуп на легла за наредните три години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.