| четврток, 6 декември 2018 |

„Ќе се фрлам, си ја убив девојката“ – судење за убиството на медицинската сестра на Детската клиника

Денес започна судењето на обвинетиот Никола Кузмановски од скопско Петровец кој се товари за убиство на бремената медицинска сестра Дејана Здравковска која почина откако беше задавена на покривот на Детската клиника во Скопје.

nikola kuzmanovski

Никола Кузмановски пред судот изјави дека не се чувствува виновен за кривичното дело убиство на бремена жена.

Сопругот на Дејана, Дејан,  пред Судот рече дека 8 години бил во брак со починатата со која има 8-годишна ќерка и не знаел за љубовната врска на Дејана и Никола. Една недела пред убиството, Дејана му кажала дека е бремена.

Дејан дознал дека му е убиена сопругата кога стигнал на Клиника, оти не можел да ја добие на мобилен откако и завршила смената.

Сведокот Борче Цветановски, портир на Клиниката за детски болести во Скопје, раскажа дека кога вечерта стигнал на работа, жена му кажала дека некој од покривот на зградата фрла снег. Се качил да провери и на 7. кат видел маж како седи на олукот , а нозете му висат надолу. “Го прашав, што прави, а тој ми одговори: ‘Ќе се фрлам , си ја убив девојката’. Ми кажа дека се вика Никола и оти е од Петровец. Не му го видов ликот, беше темно. Кога се свртев за да се симнам да го пријавам случајот кај обезбедувањето, за малку ќе нагазев врз мртво тело. Жена лежеше на подот со рацете испружени нагоре. Не знаев дека е Дејана, која кај нас работеше неколку години”, раскажа Цветановски.

Според обвинителката, со насилната смрт на Дејана е уништен и плод, а тоа е отежителен белег за кривичното дело.

Според обвинението, Дејана била задавена по вербална расправија со Никола, кој по нејзината смрт се обиде да се самоубие, но беше спречен од полицијата.

Фото: ВЕСТ

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top