Поради СДСМ, државата е „казнета“ со предвремени парламентарни избори; четврти по ред, за девет години! Законскиот четиригодишен изборен мандат во државата принудно е сведен на 2-3 години, а тоа значи назадување, стопирање на реформите, развојот… Напразно потрошено време, милиони (денари) фрлени во ветер!
Откако наметна (политичка) криза во земјава под неодржливиот изговор „враќање на слободата и на демократијата во Македонија”, на нивно (СДСМ) барање, а со цел превенирање „поголеми проблеми” во земја-аспирант, ЕУ прифати организација и посредништво во разговори меѓу власта и опозицијата. Почнаа во Брисел, продолжија во Скопје… со очекувана завршница на 10 јуни во Брисел!
Ја повикаа ЕУ, ама не сметаа дека Европската унија и нејзиниот претставник ќе дејствуваат според принципот – почитување на волјата на народот! Хан тоа го покажа на дело – не дозволи да биде омаловажен избирачкиот глас на половина милион македонски граѓани. Не си дозволи да го погази принципот на кој се базира демократијата во сите европски земји-членки! И, посебно ми е драго што очекувањата на народот од посредништвото на ЕУ се исполнети (засега, а верувам така и ќе остане!) во смисла на почитување на легалноста на државното водство, на премиерот Груевски, а со тоа покажаа почит кон македонската држава и народ – нивниот суверенитет!
Европската унија, преку комесарот Хан покажа дека не поддржува и не исполнува нелогични политички барања – формирање пучистичка влада, на местото на легитимно избраната! Впрочем, и нема такви ингеренции зашто влада на една држава ниту се избира, ниту се промовира на преговарачка маса, па опозиционерите нека го ангажираат и целиот европски естаблишмент! СДСМ тропна на погрешна врата! Изборот на државното водство е исклучително демократско право на народот! А, неговата реакција, изразена преку стоилјадната масовност на собирот на ВМРО-ДПМНЕ (18 мај) годинава, е повеќе од јасна порака до сите! ЕУ, комесарот Јоханес Хан (изјави пред и по посетата на Вашингтон) и САД, со главниот заклучок за и околу Р. Македонија: предвремени избори во април 2016 година и допрецизирање на одредени прашања важни за државата на 10 јуни, јасно покажаа дека ја имаат предвид оваа порака! Немаат дилема околу изборната опција на мнозинството од македонскиот народ!
Несериозното однесување на СДСМ се покажа и со изјавата на нејзиниот лидер Заев за евентуална еднострана пристрасност на комесарот Хан и дека на 10 јуни нема да присуствува на договорениот состанок во Брисел?! А, потпиша согласност на заедничкиот состанок /4+1+2/ во Скопје! Ама, на човекот не му биле исполнети очекувањата од ЕУ и од Хан?! Небаре се работeше за забава во кампот на Илинденска! Никако да сфати (сфатат) и дека лидер на партија (макар била и опозициска, нека е и најголема опозициска…) не може да има ист политички егалитетет како легалниот, легитимен претседател на Владата на државата!
Многу брзо, по само неколку часа од споменатата изјава, лидерот на СДСМ се премисли и ја повлече „несреќната” изјава! Политички аматеризам, без оглед на објаснувањата (негови и на неговите „советодавци”) за ваквото ретерирање потребно за спас на партиско-лидерскиот образ! На подбуцнувачкото сценарио, споменатите „советодавци” работат континуирано, „зависно од развојот на настаните”?! Ама, да се надеваме дека, сепак, сфатија дека Брисел нема да дозволи поигрување со неговата кредибилност! Дека нема да дозволи хаотични постапки какви што предизвикуваат во сопствената држава – која, пак, за жал, (за сега?!) ги толерира нивните нелегални, казниви дејства!
Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан постапи дипломатски! Предложи компромис (во корист на опозицијата!) и договори предвремени парламентарни избори во 2016 година! Му се удоволи уште еднаш на СДСМ и на неговиот каприц – постојано да си ја испробува својата изборна „среќа”; се разбира, на вкупна, суштинска штета за народот, државата и на легитимната власт!
Избори ќе има во 2016 година! Ама, резултатот од нив (со голема сигурност) може да се претпостави уште сега! Не поради тоа што „професорот” и “уредникот” така сакаат, ами поради фактите на кои се базира одлуката на народот, граѓаните! Доволно е во едниот тас на Јустиција да ги стават предностите (многубројни проекти, дела – веќе реализирани или во реализација!) на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски, а во другиот тас – „делата” на СДСМ и на Зоран Заев! На ист начин може да ги измерат и споредат и недостатоците, „деструкцијата” на двете партии и нивните водства! И потоа? Ќе бара ли СДСМ пак нови парламентарни избори?!
Милитантните мисли ми се туѓи! Ама ако СДСМ и нивни поддржувачи продолжат со вознемирувачките, неодговорни, омаловажувачки и делбени постапки кон народот (граѓани и „граѓани”) – чашатa ќе се прелее! Се плашам дека реакцијата на народот (петстотините илјади гласачи од 2014 година) ќе биде и понатаму толерантна како досега! Секако, доколку институциите на државата не го санкционираат тоа што се негира со законот – кој и да е во прашање!
- За тие што ги прават делбите… И поклониците на МОБ, МНТ, ДТ, ТК, МФ, СЏФ (џез-концертите) се народот, и поклониците на „Макфест“… „Валандовофест“… И тие на „Анастазија“ и на „Мизар“ и тие на „Танец“… Но, и поклониците на сите овие заедно! Сите тие се народот! Граѓаните! И тие пред Собранието, и тие пред Владата, во моментов… Само за потсетување; на тие што го заборавиле тоа!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.