Македонското образование мора да најде модел со кој ќе го следи економскиот развој на државата. Притоа се воведуваат законски измени со кои високообразовните институции ќе ги следат глобалните движења. Сепак, тоа не може да биде слепо пресликување, туку мора да се најде модел кој што ќе одговара на македонските услови, вели министерот Панче Кралев.
Нострификација на дипломите од странските универзитети повторно е тема на дискусија во академската јавност. За тој процес се вели дека е прекомпликуван и дека се бараат докази кои што не секогаш можат да се обезбедат.
Кралев: Забелешките за компликуваноста за нострификација на дипломите се однесува на апостилот. Тој е добра заштита за дипломи од универзитети што не се признаени и рангирани. Факт е дека дипломите од врвните универзитети не се издаваат со апостил, тој мора да се побара. Значи, се смета дека бараме нешто што мора ама и не мора да го има на дипломите. Затоа во измените на законот ставивме дека ако е дипломата од врвните 500 универзитети, од врвните 100 МБИ програми или од врвните 200 факултети по предметот, не мора да има печат. Ја проширивме листата колку што е можно повеќе, за да ја олесниме. Но, тоа останува обврска за тие дипломи што не се во таа листа. И таму постапката е покомпликувана, има комисија од професори, се бара обемна документација, ако е постдипломски, се бара магистерската. Но, нема бегање од тоа. Станува збор за универзитети без соодветна репутација, на пример Украина, па и Бугарија, да бидеме реални, држави од заткавказјето. Ние, реално, не можеме да имаме доволно информации како е здобиена дипломата таму и постапката е нормално да биде покомпликувана.
Отворањето високообразовни институции стана популарен бизнис во Македонија. Сѐ повеќе се отвораат факултети, универзитети, институти што нудат образовни програми.
Кралев: Конкуренцијата во високото образование се зголемува. Затоа и државните универзитети почнуваат да работат на посетеноста, да одат на саеми, да привлекуваат студенти со програми итн.
Факт е дека не секогаш, но повремено има поплаки за нелојална конкуренција меѓу нив, дека некој вложувал во образовниот капацитет, доедукација на во професоркиот кадар, во научно-истражувачки капацитет.
Па и брзо растат, од факултет во Универзитет.
Кралев: Улогата на државата е во два филтра. Има одбор за акредитација, кој следи дали се исполнети некои услови за следење на програмите, но, исто така, и во делот на поставување услови, кои треба да се исполнат пред да се додели едно решение. Во тие две сфери е направено многу за засилување на тие критериуми, на пример во делот што може да биде ментор, кој може да предава во третиот, сега со измените и во вториот циклус. Ставени се и критериумите што треба да ги исполни една високообразовна институција, заеднички програми со врвните универзитети, мобилност на студенти. Додадено е уредување во делот на магистерските студии. Сега веќе не може кој било да предава на магистерски студии. Ставаме максимален број студенти по професор на годишно ниво.
Магистерските не се придружна квалификација. Тоа треба да се здобие и да има некаков квалитет, од аспект дека магистерската теза мора да има некакво академско значење.
Постапката за уредување и за условите што треба да ги исполнат овие институции наложува повисоки стандарди. Задача на сите ќе биде да се приспособат. Некој ќе рече дека УКИМ или УКЛО побрзо и најлесно ќе се приспособат, да, но УКИМ инвестирал повеќе изминатиот период и може тие ресурси да ги стави во функција. Ако сакате да имате високообразовна институција, треба да имате и одредени стандарди и квалитети. Така што во тој дел се направени чекори, но планираме и нови чекори во иднина во делот на комплетна ревизија на потребната документација и услови за основање на високообразовна институција. Значи, во иднина нема да биде толку едноставно да се отвори нова високообразовна институција, тие критериуми ќе бидат ревидирани и усогласени со стандарди што ги наложува европската асоцијација за акредитација.
Меѓутоа, тој процес ќе трае во следниот период, а се надеваме дека во меѓувреме, со подигнување на стандардите, ќе ја амортизираме и сегашната ситуација.
Економијата и образованието мора да одат рака под рака
Европските искуства велат дека дел од универзитетите газат на црвените линии на болоњскиот систем, некои го напуштаат, дел го модификуваат на сопствените потреби. Тоа е модел што и ние треба да го примениме – да го приспособиме, но не по пат на реплицирање. Треба добро да се размисли каде сакаме да одиме, што е потребно од нашите академски институции и да приспособиме модел што ќе одговара кон тоа што се стремиме како држава. Ако нам ни е приоритет дека во следните 20 години треба да има 50 врвни компании од техничките индустрии во Македонија, нормално е дека таа цел треба ја следат академските кругови, да се стремат со производство на кадри. Ако сме се решиле дека треба да инвестираме 700 милиони евра во земјоделството во следните години, нормално дека треба да има и соодветен кадар што ќе ја следи таа програма, ако, пак, сме решиле дека за нас е приоритет информатичката технологија – ќе мора да се следи со образованието. Тој дел мора да се следи со квалитетна образовна програма, да се приспособат целите и начините. А, за тоа постојат различни начини, преку поблиска соработка со индустријата или со приспособување на магистерските студии, менторскиот систем.
Во Европската Комисија постои програма до 2015 година со која се очекува секој студент од ЕУ барем еден семестар да помине надвор од земјата во која студира. Поентата и приоритет на оваа програма е мобилноста. Истата програма ја има и во американскиот систем. Тоа е моментот каде што ние заостануваме, доцниме.
Од една страна, бараме потврди и докази дека дипломите здобиени во странство се соодветни. Но, каква е состојбата во обратна насока, колку нашите приватни, нови институти се признаени надвор. Дали се бараат докази во матичните држави на оние странци што завршиле кај нас.
Кралев: Тоа е тешко прашање, немаме таква анализа, која може да даде одговор дали дел од студентите што завршиле тука успеале да продолжат со образование или да најдат работа во странство.
Дел од тие прашањата за нострификација се регулираат со билатерални договори. На пример со Србија имаме таков договор, со Турција сме во фаза на преговори за една таква спогодба. Но, секако, за тие што доаѓаат да студираат на овие високообразовни институции има два критериума, едниот е од наш аспект на потребни документи за продолжување на образованието, додипломски или постдипломски студии, па носат на нострификација од средното образование. Понатаму самиот факултет има право да ја уреди постапката за прием, доколку смета дека треба да се провери знаењето на приемни испити за да се провери знаењето.
Но, што ако некој од Франција дојде да студира ориенталистика кај нас, во Тетово, дали ќе му треба доказ за да му биде признаено образованието? Колкаво е реномето на нашите образовни институции надвор?
Кралев: Најчесто тие постапки за прием и за вреднување ги прават универзитетите, не државата. Универзитетот кажува дали му е познат другиот универзитет. Сепак, ние немаме универзитет во врвните 500 во светот во тоа рангирање. Белград Загреб Љубљана имаат. Но, некој ќе каже дека тоа не единствениот показател за квалитетот, но факт е дека сите универзитети прават напори да бидат на тие листи бидејќи влијае на репутацијата и на приемот на странски студенти кај нив. Кога се сака да се учи надвор, се отвораат рангирањата за да се избере каде да се учи, па ако се размислува каде да се оди, поголеми се шансите да се одберат институции од листата. И затоа е нашата борба да се подигне квалитетот на образованието, но истовремено да се подигне и вреднувањето. Тоа е заедничко мислење.
Од аспект на тоа колку се признаени, тешко е да се процени дали некој што завршил во УКИМ ќе се вработи во јавната администрација. Сепак, најчесто за студирање се избираат природните и техничките науки, наспроти општествените. А техничките факултети ги има само во рамки на државните универзитети. Имаме случаи, најчесто многу позитивни примери, каде што во делот на техничките науки наши студенти што завршиле тука имаат продолжено со својата академска кариера, и тоа многу успешно, но и во компании надвор од Македонија. А, од компаниите што доаѓаат во Македонија слушаме дека се задоволни од теоретското знаење. Затоа во меѓувреме техничките факултети се трудат да воведат што повеќе апликативно знаење. Но, проблемот е во заинтересираноста на студентите, но тоа се менува, расте бројката. Машинскиот факултет е позитивен пример. Кога доаѓаат странските инвеститори, компании како „Џонсон мети“, „Џонсон контрол“ или „Дрекслермаер“ прво одат на Машински факултет. И сѐ повеќе Машинскиот факултет се приспособува на нив, знаат дека доаѓаат и се приспособува и почнува комуникацијата, која е многу добра од аспект на издржливоста на програмите, веќе почнува процес на консултации со нив.
Така што верувам дека тука има простор за работа, за доближување. Фактот што веќе бараме нашите универзитети да имаат заеднички програми со странски врвни универзитети не е за да им се отежни животот или работата, туку за да им се овозможат на нашите студенти подобри можности и мобилност дали во однос на странска компанија, или за натамошно образование.
Сепак го фативме чекорот со учење на далечина преку користење на комуникациските можности. Какви се состојбите?
Кралев: Побаравме техничка помош од Светската банка во овој дел, во суштина, во изработка на добра законска регулатива за да имаме добри сигурносни механизми или рамка во која ќе мора да се движат факултетите. Со други зборови, да не станат цел на злоупотреба. Има држави што успешно го имаат вградено овој систем, и тоа треба да го преземеме и тоа е една од задачите во иднина, но не е добро да се преземат тие начини без овие рамки на функционирање затоа што може да биде предмет на различни изигрувања. Тоа е еден алтернативен механизам. Во оваа година веќе има голем број универзитети со ваква програма. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип веќе има тројца професори од САД, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, исто така, има таква програма, ФИНКИ има соработка со Универзитетот во Бостон, кој е од врвните во светот, а има соработка и со Стразбур и така натаму.
Тој дел постои, кога имате таква соработка има размена на кадри, на студенти, но мора да дадеме дополнителен импулс во соработката, државата треба да помогне. Ако веќе говориме за мобилност на студенти, мора да се помогне, тоа бара извесни средства. Ја имаме Националната агенција за мобилност, која нуди огромен број можности, мора да бидат искористени тие средства, ако зборуваме за заеднички програми, има одредени трошоци, треба да видиме како да се изведе тоа, дел од универзитетите имаат средства, некои немаат, но мора тоа да се изведе, нема бегање од тоа.
Во време во кое живееме не можеме да си дозволиме да го немаме тоа. Тука во голем дел сме во иста линија со универзитетите, особено со големите, јавни универзитети, тоа е исто и нивна цел, тоа е констатација од разговорите, ги следиме коминикеата од ЕУ што препорачуваат.
Постојат ли индиции за обиди за изигрување на процесот?
Кралев: Тоа се новини што се воведуваат сега, не верувам и не очекувам дека ќе има изигрување. Тоа не е затоа што сме ставиле нешто во закон, туку затоа што академскиот дел од заедницата знае, има индикации кој универзитет каде се движи. Не е во интерес на институциите да го загуби кредибилитетот или да биде затворен.
И тоа верувам дека ќе биде успешно реализирано. И тоа ќе биде јасен показател кој е тој што е тука да опстане на долг рок и се труди да обезбеди квалитетно образование, а кој можеби има други цели.
Законски измени за квалитет
Законските измените во делот на високото образование се очекува да ја зголемат мобилноста на студентите, да го подобрат квалитетот на наставата и со тоа да дадат поголема можност за вработување по дипломирањето. Се бара судиските програми да се прилагодат на побарувачката на пазарот на трудот. Како поддршка е и отворањето на Центар за кариера преку кој дипломираните студенти полесно ќе најдат работа, а студентите ќе најдат компанија во која ќе реализираат практична настава.
Покрај соработка со странски универзитети за заеднички студиски програми, се олеснува и напредувањето во кариерата на наставниот кадар на универзитетите. Така, магистерска или докторска титула од првите 200 најдобро рангирани универзитети според Шангајската листа, од научна област за која нема доволно научно истражувачка дејност во Република Македонија, ќе има предност при вработување на некои од факултетите.
Владата ќе формира Национален совет за високо образование, наука, иновации и техологија кои треба да игра советодавна улога и да го надгледува спроведувањето на реформите во овие области и да дава препораки за правците за развој на високото образование.
Во фаза е и усвојување на Законска рамка за иновациска дејност што ќе допринесе за дополнително зголемување на инвестициите во оваа обаст како од државата така и од приватниот сектор.
Што се очекува од неодамна усвоената Стратегија за иновации.
Кралев: Владата усвои Стратегија за иновации за периодот 2012-2020, со која економија ќе биде заснована на знаења и ќе биде конкурентна на меѓународните пазари. Паралелно се усвои и акционен план на мерки и активности за периодот 2013-2015 за зголемени инвестиции во овој сектор и од државата и од приватниот сектор. Сето тоа ќе допринесе до зголемување на економскиот раст.
Важно е да се напомене дека ќе се формира и Фонд за иновации и технолошки развој преку кој ќе се даваат грантови за иновации и техничка помош на компаниите за полесен пристап до регионалните фондови.
Во таа насока е и инфраструктурата во која се инвестира последните неколку години преку Министерството за образование и наука, на пример, проектот Опремување на лаборатории за научно истражувачка и апликативна дејност.
Предвидено е опремување на 190 лаборатории. До сега се склучени договори за набавка на опрема за 80 лаборатории, во вредност од 1,6 милијарди денари.
Целта е да се зајакне научно-истражувачката дејноста, да се зголеми практична настава на студентите, но и да зајакне соработката со приватниот сектор преку заеднички проекти или користење на услугите на лабораторите.
Интересно е што дел од факултетите кои соработуваат со приватниот сектор почнаа да остваруваат и дополнителни приходи од анализи, тестирање на одредени производи или пак реализација на заеднички проекти со компании.
Еден од проектите со стратегиста важност е и преводот на стручни книги. Неодамна најавивте превод на стручна литература од Велика Британија.
Кралев: Меѓународното тестирање TIMMS 2011 покажа дека се потребни дополнителни реформи во образовниот систем за да бидеме со тек со светските трендови.
Со преведот на учебници за основно и средно образование од Англија, ќе се подобри квалитетот на наставната програма. Исто така се олекува да влијае и врз методологијата при изработка на наставни програми и пишување на учебници од земји кои имаат долгогодишно искуство во спроведување на образовни реформи.
За почеток ќе се преведат и адаптираат учебници од природните и техничките науки. На овој начин ќе се избегнат грешките кои до сега се појавуваа во некои учебници. Планираме учениците да учат од новите учебници од почетокот на наредната учебна година.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.