| четврток, 6 декември 2018 |

Нова училишна зграда во село Синичани во општина Боговиње

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми заедно со претседателот на ДУИ Али Ахмети и градоначалникот на општина Боговиње Хазби Идризи присуствуваа на свечено пуштање во употреба на новоизградениот објкет на подрачното основно училиште „Сабедин Бајрами“ во селото Синичани.

Со изградбата им се овозможува на околу 170 ученици од ова село веќе да не мора да одат на настава во објектот на централното основно училиште во соседното село Камењане туку во Синичане, поблиску до нивните домови.

– Училиштето во Синичане е со 1500 метри квадратни корисна површина и во негови рамки има и библиотека, кабинети и сите други потребни простории и услови за нормално одвивање на наставата за учениците од Синичане, истакна министерот Адеми.

Тој посочи дека во општина Боговиње има и други активности во образовната сфера, како завршување на изградба на училишниот објект во Селце Кеч и замена на подовите во ЦОУ „Сабедин Бајрами“ во Камењане.

Адеми најави дека се разгледува и посебен проект наменет за учителите и наставниците за подобрување на нивните услови за работа и зголемување на платите.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети упати честитки до надлежното министерство за, како што рече, историскиот чин со што првпат младите од селото ќе се образуваат во нивното место на живеење.

– Земјата се сака кога се гради и се вложува во образование на населението и тој народ никогаш нема да згасне. Да не престануваме да градиме бидејќи тоа е за наше добро и за наша заедничка иднина,  рече Адеми.

Градоначалникот на Боговиње Хазби Идризи истакна дека за време на неговиот мандат преку разни домашни и странски донатори и Министерството за образование и наука општината вложила околу 1,6 милиони евра во разни проекти од областа на образованието.

Тој посоче дека како локална самоуправа преземаат и други активности на инфраструктурен план за изградба на патишта, водоводи, канализации и слично се со цел да им се подобрат условите за живот и работа на жителите од оваа општина во Тетовско.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top