Кире Лазаров со неговиот тим Барселона се искачи на покривот на ракометна Европа победувајќи во финалето на Лигата на шампионите на завршниот турнир во Келн против екипата на Веспрем од 28-23.
Сосема заслужено оваа сезона во најсилното натпреварување победи и најдобрата екипа. Каталонскиот тим покажа надмоќ над своите противници и на фајналфор турнирот.
Лазаров немаше свој ден во финалето, поголем период беше и на клупата, но, успеа да стигне до својот најголем успех, освојувајќи го пехарот во елитното европско клупско натпреварување. Денеска беше без погодок. Ова беше трето финале за Лазаров и прва европска титула.
Барселона одлично го започна мечот доаѓајќи до солидна предност од четири голови на полувреме (14-10) благодарејќи на цврстата одбрана предводена од ветеранот на голот, Даниел Шариќ. Во нападот одличен натпревар повторно имаше најдобриот светски играч Никола Карабатиќ кој зад своето име запиша шест голови на целиот меч.
Во второто полувреме само во еден период Веспрем се закани и стигна до негатива од два гола (19-17), но тоа беше се што сторија Унгарците бидејќи Барселона успеа да не прими гол цели седум минути. Виктор Томас во овој период блескаше и го доведе својот тим повторно на високи пет голови разлика.
Кире Лазаров со 106 гола во текот на целата сезона во Лигата на шампионите стигна до европската круна, но не успеа да закити и со епитетот за најдобар стрелец во ЛШ, која му ја препушти на Момир Илиќ од Веспрем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.