Италијанскиот мафијаш Пасквале Скоти, кој е обвинет за повеќе од 20 убиства, е уапсен во Бразил по повеќе од 30 години бегство и криење од полицијата, пренесе МИА.
Скоти, кој беше еден од лидерите на Камора, мафијашка група во Неапол, успеа да побегне од една италијанска болница во 1984 година.
Тој е откриен во бразилскиот град Ресифе, каде водел мирен семеен живот. Бразилската полиција го идентификувала врз основа на отпечатоците од неговите прсти.
Во наредните неколку денови се очекува тој да биде екстрадиран од Бразил во Италија.
Изминатите три децении, Скоти успеваше да и побегне на полицијата и да ги сокрие трагите зад себе, по бегството од болницата каде се лекуваше од повредите здобиени во една вооружена пресметка со италијанската полиција.
Овој неаполски мафијаш, во Италија беше обвинет за измачувања, убиства и за серија напади со огнено оружје, извршени во периодот меѓу 1980 и 1983 година. Во отсуство беше осуден на доживотен затвор, а италијанските власти испратија за него меѓународна потерница во 1991 година.
Се веруваше дека Скоти починал набрзо по бегството од болницата, затоа што таа верзија за него на полицијата во Италија им ја раскажал еден од неговите соработници од неаполската Камора.
Италијанското Министерставо за внатрешни работи потврди дека Скоти е уапсен во Бразил во заедничка операција на полицијата од Неапол, италијанскиот специјален одред за борба со мафијата, Интерпол и бразилската полиција.
Локалната полиција од Ресифе го уапсила Пасквале Скоти додека со автомобил ги превезувал своите две малолетни деца во училиште. Во овој бразилски град, живеејќи со лажен идентитет, тој развил вносен бизнис, како сопственик на компанија за храна и партнер во еден локален ноќен клуб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.