Последните настани и особено митингот организиран од владејачката македонска коалиција покажаа дека е минато времето кога владата во Скопје можеше да ја смени политичката мапа во земјава и да прави „генетски урбанизам“ со телефонска нарачка. За донесување одлуки што можат да бидат третирани како „антимакедонски“ во иднина ќе мора да се праша народот, и тој што го поддржува Заев и тој што застана зад Груевски. И за тоа ќе мора да има консензус, а не празни ветувања и шарени бонбони. Без разлика дали има вистина во „конспиративните теории“ дека САД сакаат да го прекинат протокот на руски гас преку македонска територија, кога тоа не можат да го направат на грчка територија, македонските граѓани на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието јасно порачаа каква е реалноста во земјава. Првата и главна порака е дека дури и ако биде ВМРО-ДПМНЕ насилно урната од власт според „украински урнек“, во Македонија со години нема да може да се спроведе ниту една стратегиска одлука. Иако е релативно голем бројот на приврзаници што излегоа на протестот, кој Заев од граѓански, со промоција на партиска програма, го претвори во политички од интерес на една партија, не е толку важен во политичка смисла затоа што тој не е фактор што може да влијае при изборот на идна власт. Заев иако собра пристоен број луѓе, сепак, покажа дека кога станува збор за сурова политичка сила тој е маргинална фигура. Меѓу десетиците илјади (меѓу 20 и 50 илјади, како што тврдат проверени медиуми) имаше и Албанци, кои никогаш нема да гласаат за Заев на избори (чест на исклучоците). Меѓу нив имаше луѓе што јавно признаваат дека не се за СДСМ туку дека се против Груевски. Огромен дел од нив беа членови на невладини организации блиски на опозицијата или на фондацијата на Сорос. И најважно од сѐ, ако се оди со некаква средна бројка на присуство од 30 илјади, на митингот немаше ниту половина од членството на СДСМ за кое од улицата Павел Шатев се тврди дека е околу 70 илјади. Заев со митингот за кој беше сигурен дека ќе собере 100.000 луѓе покажа дека како политички фактор нема потенцијал да ја преземе власта. Дополнително покажа дека дури и да ја преземе, уште помалку има капацитет да ја практикува. И тука доаѓаме до вредноста на бројот на луѓе што се појави пред Собранието. И покрај неколкумесечното вадење „нечисти алишта“ од понекогаш шокантни разговори, и покрај извртувањето на дел од слушнатите пораки од разговорите, Груевски успеа да собере огромен број приврзаници. И во овој контекст воопшто не е битно дали Заев плаќал по 1.000 денари за учество или владата ги терала своите приврзаници да дојдат. Важно е само тоа дека луѓето дојдоа како што ќе дојдат и кога ќе треба да се гласа. Со таа разлика што тие што се појавија пред Собрание ќе гласаат за коалицијата на Груевски, а тие од пред владата, секој според својата политичка определба.
Амбасадорите му одмогнаа на Заев
Протестите пред владата расчистија уште еден голем мит во јавноста. Иако за многу поддржувачи на опозицијата најавата за учество на шест амбасадори од највлијателните европски земји беше доказ за конечна победа на Заев против ВМРО-ДПМНЕ, сепак, за авторот на овој текст токму тоа беше најголемиот пораз на Заев во последниве неколку месеци.
Од една страна се покажа дека западните амбасадори веќе немаат моќ да влијаат на македонската политика како што беше до 2004 година, кога Зајас стана центар на Кичево а Велешта се пресели на градска плажа во Струга. Од друга, се покажа дека народот веќе е заморен од лажни ветувања и од дволичната политика на западот, кој нѐ држи во чекалницата на НАТО и на ЕУ цела деценија само поради насилникот Грција и затоа не ги следеше амбасадорите во протестите. Многумина од тие што се против Груевски на социјалните мрежи реагираа на најавеното присуство на амбасадорите, кои како никогаш претходно во историјата на дипломатијата се вмешаа во внатрешните работи на една суверена земја. За многумина пораката е едноставна и за некого болна, Заев дури и со јасна и недвосмислена поддршка од западот не може да создаде критична маса, која би била доминантна во реалната политика.
НАТО и ЕУ остануваат стратегиска цел
На ваквите дипломатски игри Груевски недвосмислено одговори дека Русија не е приоритетен партнер за Македонија и дека членството во НАТО и во ЕУ немаат алтернатива, на што веднаш беше одговорено од американскиот Стејт департмент. Тие што знаат да читаат дипломатски шифри ја сфатија пораката. Стејт департментот меѓу редови порача: „Од Груевски баравме да има политичка одговорност и да се истражи наведеното за криминал и за корупција во владата, на што беше позитивно одговорено, и сега на ред е Заев, кој треба да го врати СДСМ во Собранието.
Се разбира, од Заев како механизам што може да донесе промени во Македонија никој од неговите партнери нема да се откаже веднаш. Тоа не би било ни фер ниту корисно, но очигледно е дека кога вашиот фаворит ќе покаже дека нема потенцијал да победи на наредните избори треба да барате нов начин да се дојде до целта, послушна влада. Во исто време мора да се биде внимателен и да се дојде до ситуација во која нема да има губитници, во која нема да се разочараат луѓето што, искрено или не, сакаат да падне владата на Груевски.
По двата протести на кои вистинската бројка воопшто не е важна, јасно е дека Македонија, без разлика колку и да траат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нема да влезе во драматична завршница, туку во мирен расплет. Се разбира, само доколку другарите, соборците, роднините и финансиерите на командант Укшини и на неговата група не решат да се одмаздуваат и да киднапираат македонски полицајци и војници за да ги разменат со заробените терористи. Во такво сценарио никој не може да каже каде и каков е крајот на најновата македонскаa драма.
(Текст објавен во 142. број на неделникот Република, 22.05.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)