Романскиот ракометен тим Одорхеи го освои Челинџ купот на Европа откако во двомечот во финалето беше подобар од португалскиот преставник АБЦ Брага. Првиот натпревар во Португалија заврши со победа на домаќините од 32-28, но Романците не се предадоа и преводени од капитенот Горан Кузманоски кој веќе петта сезона е во овој тим дојдоа до победа во реваншот од 32-25.
Македонскиот бек сезоната ја заврши со 39 погодоци за својата екипа во Челинџ купот од кои седум ги постигна во вчерашниот втор финален меч против АБЦ Брага.
– За мене ова е голем успех затоа што ова е прва европска титула за клубот, но и затоа што сме тројца Македонци во составот и што како капитен имав чест да го подигнам пехарот. Имавме успешна сезона, ја остваривме нашата цел и ги исполнивме очекувањата од спонзорот на клубот. Работевме напорно и сега заслужуваме да славиме – задоволно вели Горан Кузманоски.
Покрај Кузмановски во состав на Одорхеи свој придонес имаат уште двајца македонски ракометари. Кузманоски заедно со Лазе Мајнов и Мите Стоилов се единствени тројца македонски ракометари што освоиле титула во европските клубови со ист странски клуб.
– Ова е успех за сите нас. Успеавме заедно, јас, Лазо и Мите со останатите од екипата и благодарен сум за тоа. Ја заслуживме титулата и ја прославивме онака како што е ред, со македонско знаме. Сега посакувам и Кире Лазаров со Барселона да ја освои Лигата на шампионите и да ни се приклучи во македонската прослава на европските титули – порача Кузманоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.