Српскиот соло-изведувач „Мршави пас“ првпат се претставува пред скопската публика во културниот центар „Кула“. Неговиот концерт ќе се одржи на 23 мај (сабота) со почеток во 20 часот. Тимот на „Кула“ најавува еден неверојатен спој на електрична гитара свирена наопаку (бас жиците се долу, а горните се горе) и хумористичен вокал во комбинација од панк, рок и електро-блуз ритмови.
По музицирањето во низа гитарски панк-рок состави Милан Мандиќ продолжува да ја гради својата кариера како соло изведувач под псевдонимот „Мршави пас“. Досега има издадено шест албуми за независната етикета „Лисен Лаудест“ од Загреб.
Неговиот музички израз може да се окарактеризира како игра со музичкиот шаблон, резбарење на стандардниот звучен формат и употреба на што по шашави аудио егзибиции.
Мошне е тешко звукот на „Мршави пас“ да се смести во некоја адекватна категорија, со оглед на тоа дека голем дел од композициите се работени сосема извртено. Неговата музика е истовремено експеримент, забава и егзибиција, додека неговиот перформанс наликува на духовита импровизација, налик на Чарли Чаплин или Мапед шоу.
Во најмала мера му е битно да биде прифатен од страна на пошироката публика, туку напротив тој создава една суштинска алтернативна забава на мошне допадлив начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.