Многу родители се во недоумица и дилема кога да започнат со дохрана на бебињата, особено што добиваат различни совети и препораки од околината, од матичните педијатри, од најблиските. Иако секоја одлука ја носат родителите, пред да одлучат треба да се информирани и да се советуваат со стручно лице или педијатар. За да ви помогнеме во дилемата кога е најдобро да се започне со воведување на цврста храна кај бебињата еве неколку насоки ипрепораки од Институт за јавно здравје на Република Македонија:
Актуелните препораки за доење сугерираат ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот, а потоа започнување со дохрана. Иако дохраната може да почне порано, сепак таа не треба да започне порано од 17-та недела од животот на бебето.
Тоа е многу важно да се знае од следните причини:
- Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко;
- Бебињата можат да бидат изложени на некои микробиолошки предизвикувачи на болести;
- Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, заради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.
Сепак, дохранувањето не треба да започне и подоцна од 6 месеци затоа што:
- Недоволниот внес на енергија и важни хранливи материи може да доведе до забавен раст на бебето;
- Може да се појави неисхранетост;
- Може да се појави железодефицитна анемија;
- Можни се и попречувања во физичкиот и интелектуален (ментален)
развој на бебето; - Може да се појават проблеми со исхраната во иднина и намалено прифаќање на храната во периодот на раното детство.
Бебето е подготвено за дохранување доколку:
- Почнува да покажува интерес за храна;
- Способно е да седне иако сè уште му треба помош;
- Сака да џвака и става предмети во уста;
- Способно е да посегнува и прецизно да фаќа;
- Изгледа дека е гладно и по доењето или хранењето со млеко.
Нешто што е многу важно и што треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.