| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот „Браќа Манаки“ во Кан привлекува внимание со проектот „Објективи низ времето“

Поводот за проектот е 110-годишнината од творечкиот опус на браќата Манаки. Во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, вчера се одржала забава на која присуствувале неколку стотици гости, претставници на фестивали, продуценти, режисери, дистрибутери

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ – Битола на големо го привлекува вниманието на меѓународната филмска професионална јавност, за време на одржувањето на Филмскиот фестивал во Кан.

Braka Manaki vo Kan

– Проектот „Објективи низ времето“ („Lens thru time), што го подготвивме заедно со Агенцијата за филм и со Кинотеката на Македонија, си го најде своето место на светскиот фестивал. Разгледници со делата на браќата Манаки, дивидијата со творештвото на Манаки, во издание на Кинотеката на Македонија, флаери со информативен материјал за историјата на првите балкански кинематографери, но и за фестивалот, можат да се забележат на сите поважни пунктови места од каде филмските професионалци се информираат. Најинтересни за професионалците се изработените разгледници, во чиј избор на фотографии ни помогна фотографот Роберт Јанкулоски. Во промотивниот материјал се најде и брошура за промоција на Битола и на проектот „Битола-Филмленд“ – соопштија од „Браќа Манаки“.

Поводот за проектот е 110-годишнината од творечкиот опус на браќата Манаки. Во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, вчера се одржала забава на која присуствувале  неколку стотици гости, претставници на фестивали, продуценти, режисери, дистрибутери.

braka manaki vo kan1

 

– За пријателите на фестивалот, но и потенцијални соработници, подготвивме изненадување. Нашите пријатели од „Тиквеш“ обезбедија автентичен подарок – врвно црвено вино „барово“, за кое во оваа пригода е направена и посебна етикета со ликовите на браќата Манаки – велат од тимот на Фестивалот кој престојува во Кан.

Шахла Нахид, филмски критичар од Франција, која беше гостинка на „Браќа Манаки“ пред две години, истакна дека присуството на големите фестивали е задолжително, за светот да не дознае.

– Ова е вистинскиот начин. Еднаш штом ќе го направите ова, продолжете само напред. Фактот дека вашиот павилјон е преполн, а и од година во година расте интересот за учество на фестивалот и на маркетот, воопшто, кажува дека тоа е вистинскиот пат за филмската индустрија. Тоа е доказ. Навистина ми значеше многу кога од ваш претставник ја добив поканата за присуство на забавата лично, веднаш после прес- проекција. Никој претходно не ми пристапил така и тоа е вистинското. Јас сум била на вашиот фестивал и многу го сакам, и токму така треба да му се претставите на светот, да ве запознае што подобро – истакна Шахид.

Голем пријател на фестивалот „Браќа Манаки“ е британскиот критичар Филип Бергсон. Тој нагласи дека Македонија има со што да се гордее и ги пофали подготвените материјали.

-Јас сум пријател на фестивалот „Манаки“. Важно е самите настани да бидат фино осмислени, не само да се направат колку да ги има. Забележав дека годинава на забавата се појавија многу нови луѓе кои ги немало во минатите години. Некои од нив чуле за вашиот фестивал , некои не знаат ниту Македонија, ама на вакви настани ќе дознааат. А посебно кога ќе си заминат со добри промотивни материјали и со убаво вино. Важно е да презентирате убава приказна за фестивалот и така повеќе луѓе ќе сакааат и да дојдат во прекрасната Битола – рече Бергсон.

braka manaki vo kan2

Од презентацијата и одѕивот од проектот е задоволен и директорот на фестивалот, Димитар Николов.

– Се познавам со многу луѓе како дистрибутер и сега кога им се претставувам во поинакво светло, позитивно ме прифаќаат. Сакаат да соработуваат, им се допаѓаат идеите што ги имаме и сакаат да се вклучат во тоа. Тоа за мене е добар знак, зашто овој фестивал со темпото што го почнавме во април, и со реализација на идеите, иако ми е прв, во голема мерка ќе ги исполни очекувањата. Рано е да зборуваме за септември. Убаво реагираа на самите материјали. На пример, сопругата на албанскиот продуцент и режисер Бујар Алимани, во чантата имаше полно материјали од нашите и ми рече дека во Грција и во Албанија ќе им покаже колку добра промоција сме подготвиле. И забавата помина многу добро. Во последните шест-седум години редовно доаѓам во Кан и навистина не паметам толку народ на забавата – смета Николов.

На забавата присуствуваа и директори на филмски фондови од Европа, како и важна претставничка на Министерството за културно наследство и туризам на Италија. Фестивалот во Кан ќе трае до 24 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top