| четврток, 6 декември 2018 |

Партиските лидери на нова средба за излез од кризата

Liderska sredba zaev - gruevski 2014 (1) (Custom)

Лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Медуха Тачи, се очекува денеска во Скопје да ја одржат втората средба за наоѓање решение за излез од политичката криза во земјата.

Како и во четвртокот, како набљудувачи и овој пат се очекува на средбата да присуствуваат амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.

По завршувањето на првата лидерска средба, учесниците изјавија дека бил направен обид да се креира рамка за разговори за излез од политичката криза во земјата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Груевски по средбата истакна дека народот одлучува кој ќе биде премиер и кој ќе биде на власт, а кој во опозиција. 

– Подготвени сме да работиме на воспоставување дијалог во кој што ќе се разгледуваат прашања значајни за државата – рече тој. Повтори дека нема намера да поднесе оставка на премиерската функција.

Заев изјави дека нормализација на работите се единствено можни со преодна влада којашто, како што рече, ќе ја подготви земјата за фер, демократски и регуларни избори.

– Тука сме да ги потврдиме нашите заложби за враќање на Македонија на патот на евроатлантските интеграции, да ги потврдиме нашите заложби за демократија, вклучително и правото на мирен протест – изјави Заев.

Лидерите на ДУИ и на ДПА не дадоа изјави, но нивни претставници го поздравија, како што беше посочено, почетокот на политичкиот дијалог меѓу четирите најрелеватни политички партии во земјата.

Изјави не дадоа ниту амбасадорите Бејли и Орав.

Претходно од средбата беше лиферувана заедничка изјава за поддршка на демократските вредности, вклучувајќи го и правото на мирен протест и на осуда на насилството без разлика дали е во криминални или политички цели. Лидерите се согласија да продолжат со дијалогот за унапредување на евроатлантската агенда за доброто на граѓаните.

Утре, пак, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ треба да имаат средба во Стразбур во Европскиот парламент.

Во меѓувреме, вчера СДСМ поддржана од коалициските партнери и невладини организации одржа протест за оставка на Владата, а нејзини активисти останаа пред Владата, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи вечерва пред Собранието одржуваат собир под мотото „Македонија силна“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top